Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 лица (шест од нив малолетни) а над 200 беа повредени. Во истрагата беа опфатени 47 лица.
Според обвинителниот акт, со години наназад се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери како министри – сите посочени како дел од системскиот колапс кој доведе до една од најголемите трагедии во историјата на земјата.
За 11 лица е запрена постапката и нема да се гонат со обвинение, бидејќи немало доволно докази, меѓу нив се ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, двајца ексминистри за економија (Дритон Кучи и Беким Незири). За Владимир Блажев-Панчо (еден од дуото „ДНК“ на чиј концерт се случи трагедијата) има прекин на постапката додека е на лекување, како а за Александар Карадаковски (шанкерот кој званично бил управител на фирмата) бидејќи во меѓувреме почина на болничко лекување од изгорениците.
Тројца обвинети, во својство на сопственици и управители вршеле угостителска дејност иако објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за угостителска дејност, немале решение за реконструкција од градоначалникот на Кочани, објектот не бил предвиден за намена Б3 односно големи угостителски единици, за објектот немало основен проект за реконструкција за пренамена, немале елаборати, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии, опасни материи. Не донеле и не изготвиле план за заштита и спасување. Практично не бил испочитуван ниту еден пропис а клубот работел во период од 2012-2025 година!?!?
Обвинет е и братот на газдата на „Пулс“ оти тој ги продавал билетите, овозможувал влез на поголем број на посетители од дозволениот број, дозволувал во објектот да влезат помлади од 18 години.
И синот на газдата е обвинет во делот на пиротехниката.
Обвинета е и сопственичка на геодетската фирма од Кочани, односно архитектката која го изготвила елаборатот во 2012 за пренамена иако немало услови за такво нешто. Во 2023 година таа му изготвила пак основен проект, користејќи го претходниот проект, а ја смениле насловната страница како документот да е изготвен во 2023 година, за да може инвеститорот да го користи незаконито како основа да врши угостителска дејност и добивање лиценца.
Градежните инспектори (три лица) иако биле самостојни во вршењето на инспекциски надзор, спротивно на правата и должности во целиот период кога биле овластени градежни инспектори не воделе постапка и не покренале инспекциски надзор по службена должност за утврдување на состојбата, не наредиле отстранување на непривалностите и не го задолжиле да го врати објектот во првобитна состојба.
Обвинети се и три лица, кои од 2012 до 2015 година, работеле како градоначалници. Тие се гонат бидејќи иако на местото каде е „Пулс“ не смеело да има кабаре, тоа функционирало, а не иницирале ниту постапка за инспекциски надзор. Ги обвинуваат и дека не ги известиле другите институции дека објектот работи без дозвола. Без овој објект да биде запишан во регистарот на Општината, овозможиле првообвинетиот да плаќа надоместок за угостителска дејност во износ од 4 илјади евра.
Обвинение е поднесено против управителот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ како и четири припадници на обезбедувањето, а еден од нив немал ниту лиценца за обезбедувач. Тие се гонат и бидејќи дозволиле во објектот да влезат малолетни лица, а не спречиле ниту внес на пиротехниката од страна на музичката група „ДНК“.
Меѓутоа агенциојата за обезбедување „Рубикон“ од Скопје имала и реален газда против кого е покрената истрага (не е дел од обвинението). Се работим за екс-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и професор на Факултетот за безбедност
Директорите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и генералниот инспектор кој бил раководител на инспекциската служба на ДЗС, се гонат дека иако биле свесни дека може да настапи штетна последица со нивно непостапување, тие не преземале мерки за заштита на луѓето и имотот од пожари.
Обвинети се пет државни службеници: двајца екс-министри (Ваљон Сарачини од СДСМ и Крешник Бектеши од ДУИ) и екс-државниот секретар од Министерството за економија Размена Чекиќ-Дуровиќ. За други двајца екс-министри постапката е запрена бидејќи нема доволно докази за да се покрене обвинение против нив.
Обезбедени се докази за државниот службеник кој ги изготвувал лиценците, а за себе барал и обезбедувал подарок. Тој побарал и добил 12.000 денари парична награда, кои биле исплатени на банкарска сметка, а во 2024 година за 226.000 денари изработил две лажни лиценци, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка.
Опфатени се четири службени лица, инспектори од ДПИ. Тие не постапиле според прописите и мерките за заштита. Кај директорите кои беа опфатени, не е лоцирана директна одговорност.
Сите погоре наведени иако биле свесни дека со нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настанување, кажа државниот јавен обвнител Љупчо Коцевски. Според него, секоја од овие алки имала моќ да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на загуба на животите.
За конкретните причини на пожарот во обвинението стои:
„Пиротехниката била употребена во небезбедни услови. Фонтаните исфрлале искри кон кровот. Пожарот се проширил по плафонот, а потоа и по целиот објект. Вградените материјали не биле противпожарно заштитена. Меѓу присутните имало панично бегање преку единствениот излез за евакуација кој не бил безбеден, бидејќи имало двокрилна врата која била пречка за движење. Самата надворешна врата немала систем за кочење. Настанало масовно паѓање на посетителите, излезот бил попречен. Единствената последица која ги врзува сите кривично правни дејствија е катастрофалниот пожар, каде загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, на сите им се става кривично дело тешки дела против општата сигурност.“