Обвинителство на Ерменија: Mиленкоски и Димитријевиќ се обвинети за измама и незаконско преминување граница

Ерменското обвинителство, освен против Миленкоски, води истрага и против уште неколку македонски државјани, заедно со граѓани на Република Бугарија и Република Украина вклучени во истата група. И за нив е покрената кривична постапка поради помагање на Бранислав Димитријевиќ – Бане при илегалното преминување на ерменската државна граница.

„Бранислав Димитријевиќ е обвинет од надлежните органи на Република Ерменија според точка 1 од Дел 3 од член 178 (измама извршена во особено голема сума), член 326 (нелегална продажба или купување службени документи) и Дел 2 од член 329 (незаконско преминување на државната граница извршено од група луѓе со претходен договор или од организирана група) од Кривичниот законик на Република Ерменија поради фактот дека како тим-лидер на компанија за градежна техничка контрола вклучена во голем проект за изградба на патишта во Ерменија со претходна согласност од другите во групата, со измама украл особено голема сума пари платена од клиентот, и по покренувањето кривична постапка против него, со незаконско купување и продавање на пасошот на друго лице, кој е официјален документ, со помош на криминална група, илегално ја напуштил територијата на Република Ерменија.

Првично, за да не избега, против него беше воведена кауција, но подоцна, на 25 февруари 2020 година, тој беше наведен како баран, а му беше одредена мерка притвор“, вели во изјава за порталот “МКД.мк“ Гор Абрахамјан, советник на главниот обвинител на Република Ерменија.

Тој појаснува дека Обвинителството на Ерменија било официјално известено за притворот на Миле Миленкоски од страна на Република Србија, па пакетот релевантни документи поврзани со барањето за негова екстрадиција до надлежните органи на Република Ерменија веќе било испратено до Јавното обвинителство на Република Србија.

Нема информација што се случува со Бане Димитријевиќ, кој во март 2021 бил приведен во Хрватска а судот во Осијек му определил екстрадиционен притвор по ерменската потерница. Се знае само дека како хрватски државјанин тој е пуштен на слобода а Хрватска нема пракса да испорачува свои државјани па веројатно би му се судело таму.

Останати вести