За првпат бројот на Австралијци од прва и втора генерација станаа мнозинство
Податоците од последниот попис ни даваат слика за Австралија на денот на пресек – 10 август 2021 година. На тој ден во Австралија имало 25.422.788 луѓе што е за цели 2 милиона повеќе отколку во 2016 година. Еден милион од тоа се нови доселеници, од кои 850 илјади дошле пред корона-кризата (заклучно со декември 2019).
Опфатот на попишани бил 96.1%. Од податоците добиваме слика за економската, социјалната и културната структура на Австралија.
Австралиското биро за статистика објави дека постепено ќе ги објавува податоците прибрани од Пописот 2021 до средината на 2023 година.

Речиси 80 отсто од жителите на Австралија живеат долж источниот брег – во Нов Јужен Велс, Викторија, Квинсленд и Австралиската Престолнинска Територија (ACT).
Нов Јужен Велс и понатаму е најголемата држава со над 8 милиони луѓе, а Викторија e втора со 6,5 милиони луѓе.
ACT имала најбрз раст со 14,4 отсто (57.102 лица) зголемување од 2016 година.
66,9 отсто од изброените луѓе живеат во големите престолнини а 33,1 отсто биле во остатокот од Австралија.
Сиднеј останува најголемиот град во Австралија со 5,2 милиони луѓе, следен од Мелбурн со 4,9 милиони луѓе и Бризбејн со 2,5 милиони луѓе.

Просечната возраст на жителите во Австралијци останува 38 години. Мажите сочинуваат 49,3 % од населението со средна возраст од 37 години, а жените сочинуваат 50,7 % со просечна возраст од 39 години.
Австралија минува низ значајна генерациска смена. Baby Boomers и Millennials имаат по над 5,4 милиони луѓе, со само 5.662 повеќе Baby Boomers од Millennials избројани на 10 август 2021 година.
Пописот дава слика за палетата на културите и јазиците што ја сочинуваат Австралија.
1. Земја на раѓање и потекло
Австралија има богата мешавина на култури и традиции, при што бројот на луѓе кои живеат во Австралија а кои се родени во странство продолжува да се зголемува.
Процентот на жители на Австралија кои се родени во странство (прва генерација) или имаат родител роден во странство (втора генерација) се искачи над 50 проценти (51,5%).
Најчесто пријавуваното потекло на Пописот во 2021 година ги следи претходните трендови: англиско – 33,0 %, австралиско – 29,9 %, ирско – 9,5 %, шкотско – 8,6 % и кинеско – 5,5 %.
Првата генерација се однесува на луѓе кои живеат во Австралија а кои се родени во странство.
Втората генерација се однесува на луѓе кои се родени и живеат во Австралија, а чиј еден или двајцата родители се родени во странство.
Третата генерација се однесува на луѓе кои се родени и живеат во Австралија при што и двајцата родители им се родени во Австралија.
2. Јазици и заедници со најголем раст
Австралија продолжува да биде културно и јазично разновидна земја со раст на заедниците од Непал, Индија, Пакистан, Ирак и Филипините.
Според употреба на јазик различен од англискиот по дома листата е следна:
– мандаринскиот дома го зборуваат 685.274 лица,
– арапскиот (367.159 луѓе),
– виетнамски (320.758 луѓе),
– кантонски (295.281 луѓе)
– пенџапски (239.033 луѓе.
3. Религиозна припадност
Дури 38,9 % од населението во Австралија се изјаснило за атеисти (биле 30,1 % во 2016).
Христијанството останува најчеста религија со 43,9 % (биле 52,1 % на Пописот во 2016) по кое следат: исламот, хиндуизмот, будизмот, сикизмот и јудаизмот.
Како припадници на Православието се изјасниле 535,470 лица – најмногу во Викторија (216,791) и во НЈВ (202,018).
Прашањето за религијата е доброволно на пописот, но сепак има зголемување на процентот на луѓе кои одговараат на прашањето, од 91 отсто во 2016 година на 93 отсто во 2021 година.
Пописот во 2021 година изброи повеќе од 10,8 милиони приватни живеалишта низ Австралија. Просечниот број на луѓе по домаќинство се намалил од 2,6 во 2016 година на 2,5 во 2021 година.
Пописот покажува дека австралиските семејства доаѓаат во многу облици и форми:
– 5,5 милиони (5.552.973) семејства на двојки (couple families), од кои 53% имаат деца кои живеат со нив и 47 % немаат деца кои живеат со нив;
– 2,5 милиони (2.550.284) семејства со деца на возраст под 15 години;
– има 1.068.268 еднородителски (one parent) семејства.
По измените на Законот за брак во 2017 година, на Пописот 2021 избројани се 23.914 истополови брачни заедници.
1. Живеалишта
Според податоците од Пописот 2021, 70 % од населението во Австралија живее во одвоени куќи, 13 % биле во градски куќи и 16 % биле во станови.
Две третини од домаќинствата (66 %) го поседуваат својот дом целосно или со хипотека.
Една третина од домаќинствата (30,6 %) изнајмуваат.

На Пописот во 2021 година за првпат АБС прашуваше за дијагностицирани долгорочни здравствени состојби.
Два милиони луѓе пријавиле дека имаат барем една од следниве состојби: проблеми во ментално здравје (2.231.543), артритис (2.150.396) или астма (2.068.020).
Од оние кои одговориле на анкетата:
– 4,78 милиони пријавиле дека имаат една од 10-те најчести долгорочни здравствени состојби
– 1,49 милиони пријавиле дека имаат две од здравствените состојби
– 772.142 имале три или повеќе
– 1 милион навеле дека имаат барем уште еден состојба што не е наведена во формуларот за попис.
Жените почесто пријавувале дека имаат долгорочна здравствена состојба, при што 34 % кои страдаат од барем една, во споредба со 30 % кај мажите.