Ако довербата во судството е 2-3%, дали тогаш недовербата е останатите 97-98%? Не! Попрецизно е дека правосудниот систем во Македонија има 24% доверба а 72% недоверба (4% не одговориле)
Се изнаслушавме дебати за тоа како правосудството има „криминални 2% доверба“ и кој се е виновен за тоа: дали претходната власт, или таа претходно, или таа уште порано…. Па на крајот можеби и сегашната власт, ама откога ќе стане минато (а Венко Филипче очекува дека Мицкоски „може да ја води државата по погрешен пат следните 10-ина години“!? – интервју за „Канал5“ 12 февруари 2026).
Бројката од 2% доверба во правосудството произлезе од една анкета на Еуротинк во 2017 година ама тоа не е „вистинската вистина“ (како што би рекол Мицкоски, оти само тој има монопол на неа).
Според сите анкети што ги прават изминативе 10-ина години Евробарометар, Еуротинк, ИРИ, Балкан Барометар… довербата во сите структури на општеството е помеѓу 2 и 18 насто. И тука зборуваме за искажана „целосна доверба“ на граѓаните, значи ќе споредуваме јаболка со јаболка, круши со круши за да нема забуни.
Значи „целосна доверба“ граѓаните најмногу имаат во банките – 12%, потоа во образовните институци – 10%, па во ДИК, во општините и во опозицијата – сите со по 9%, па следат јавните здравствени установи – 8%, па уште една група составена од полиција, влада и медиуми со 6%… а на дното се Собранието со 3%, правосудството со 3%, Јавното обвинителство со 2% и политичките партии со 2%.
Токму тие политички партии на секои избори ветуваат дека ќе ги оправат работите имаат само 2% „целосна доверба“ кај населението!?!?
Но работите не се црно-бели. Имено, во анкетите довербата се мери во две нијанси: целосна и делумна. Па така образовните институции избиваат на врв според вкупната доверба (65%), следени од банките (62%), јавните здравствени установи (57%), полицијата (55%) и медиумите (54%).
Сите останати столбови на општеството имаат целосна или делумна доверба под 50%.
Секако, најниско е пак правосудството со (комбинирана) доверба од 24%, а малку повеќе имаат Јавното обвинителство (25%) и политичките партии (30%). Недовербата на Македонците во сопствениот правосуден систем (комбинирано целосна или делумна – 72%) е најголема на Балканот.
Но исто така голема е недовербата и во политичките партии (делумно или целосно – 68%) и во Јавното обвинителство (69%) и во Собранието (67%).
И така, со години (па и децении) сите статираме во филмот дека оние исти политички партии кои имаат бедни 2% доверба (ги користиме процентите на целосна доверба со кои тие самите жонглираат) ќе го оправеле сиротото правосудството кое ете, има доверба од 3% и ќе донесат добри закони во јадното Собрание кое има 6%!?!? Како? Со тефтерчињата?
