Дури 22 општини во земјата се рангирани во 100-те најзадолжени субјекти на централно ниво. Општините во државата ја стартуваат изборната кампања со доспеани а неплатени обврски во износ од 64.7 милиони евра ( A$114.5 милиони) – сума која е зголемена и на квартално и на годишно ниво. Експертите велат – одговорност за начинот на кои се трошат парите на локално ниво мора да има …
Од законски измени за отповикување на градоначалници до зголемена транспарентност и децентрализација – изминатиот период беа најавувани многу ветувања за суштински промени во начинот на менаџирање на општините.
Сепак кампањата за локалните избори 2025, осми по ред во независна држава, стартува со “старите “ позиции – општинарите чекаат финансиска инјекција од централната власт, се промовираат проекти без детални урбанистички планови, се најавуваат инвестиции со заеми – коментираат аналитичарите.
Милионски долгови и на општини и на општински јавни претпријатија
Додека на локално ниво се набројуваат проекти вредни стотици милиони евра, вклучувајќи ги 250 милиони евра од унгарскиот кредит, буџетските биланси на општините покажуваат дека скоро сите се на листата “должници“ – со доспеани, а неплатени обврски. Според податоците од Министерството за финансии 22 општини се рангирани во групата на 100 најзадолжени субјекти на ниво на целата држава.
“Порталб“ повикувајќи се на официјалните податоци од Министерството веќе објави дека според висината на должничкиот износ прва меѓу локалните власти е Општина Гостивар со долг од скоро 11.3 милиони евра а на второ место е Општина Тетово со доспеани, а неплатени обврски од 9.5 милиони евра.
Град Скопје кој е на трето место, на овие избори влегува со доспеани, а неплатени обврски во износ од 5.5 милиони евра.
Освен Гостивар, Тетово, Град Скопје, со милионски долгови се и Кавадарци, Делчево, Желино, Струмица, Карпош, Василево, Струга, Врапчиште, Кисела Вода, Охрид, Сарај. Оваа група на општини има доспеани, а неплатени обврски повисоки од милион евра.
Освен општините, со милионски долгови, високо рангирани се и општинските јавни претпријатија. Заклучно со првата половина од годинава вкупниот долг на ЈП формирани на локално ниво изнесувал 107.6 милиони евра (A$190.5 милиони).