Оризопроизводителите ќе добијат дополнителна субвеција за арпата

Премиерот Зоран Заев во Кочани обвјави дека земјоделците ќе добијат дополнителни три денари субвенции за оризовата арпа, со што ќе им се излезе во пресрет на барањата на производителите за надминување на пониските откупни цени поради пандемијата.

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на завршните настани од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ заедно со министерката за образование Мила Царовска, заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски и други владини претставници.

Заменик министерот Димковски нагласи дека со владината поддршка од 32,5 милиони денари, при што се склучени 25 договори, годинава за првпат во Кочанско за оризовата жетва ќе се користат нови комбајни со уреди за сечкање на сламата, за да се избегне нејзиното палење.

По триесетти пат годинава Општина Кочани беше организатор и домаќин на завршните настани од културно-промотивната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“. Со рачното зажнејување со срп и обичаите поврзани со собирањето на родот на површините на Земјоделскиот институт во Кочани, беше означен официјалниот почеток на овогодишната жетва на кочанското „бело злато“.

Земјоделецот Тоше Јорданов од Кочани беше прогласен за најдобар млад оризопроизводител, а паричната награда му ја предаде градоначалникот Николчо Илијев кој нагласи дека една од главните заложби на локалната власт е создавање услови за младите да ги продолжат традициите за одгледување ориз.

На централната свеченост на која присуствуваа и гости од збратимените градови од Унгарија и Бугарија, како и граѓани, беше нагласено дека оризот останува еден од главните македонски земјоделски брендови, поради што ја има поддршката од државата. Во рамки на програмата на петдневната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ се одржаа десетина културни настани со концерти, промоции на книги, филмски проекции и работилници.

Останати вести