Минатата сабота (13 април 2024 г.) се изврши чинот на осветување на храмот „Св. 40 Маченици“ изграден на брегот на Смилковското Езеро во слава и сеќавање на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стефковски кои беа свирепо убиени на 12.04.2012 година на ова место.
Иницијатор за изградбата на овој храм е здружението на граѓани „Св. 40 Маченици“, а со посебна поддршка и помош од градоначалниците на општините Гази Баба и Бутел – Бобан Стефковски и Дарко Костовски.
Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архепископија Господин господин Стефан кој пред присутните верници истакна: „На ова место се случи исклучителна трагедија извршена од луѓе – нелуѓе, извршена од ѕверови во човечки кожа. Исто како 40-те Маченици, животите на тие петмина луѓе, христијани и Македонци, чеда на мајката црква беа одземени поради само една причина – поради нивната христијанска вера и нивната македонска крв. Преку овие пет христијански души се покажува дека сведоштвото на мачениците претставува семе за црквата. И ете се изгради овој мал, но убав дом божји и денес ја имаме радоста да го осветиме, истакна г.г. Стефан.
Тој упати благодарност до сите кои помогнаа за изградба на овој храм, а посебно до градоначалниците на Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски за кој кажа дека ќе бидат одликувани од страна на Скопската епархија.
На осветувањето на храмот присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани.
„Со изградбата на овој манастир грозоморниот чин на убиството нема никогаш да се заборави и никогаш да не се повтори!“, објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 2, Владо Мисајловски на Фејсбук.

