Во четвртокот и во петокот (15 и 16 декември) се достигна можеби врвот на масовност во лчажните дојави за подметнати бомби.
Во четвртокот антитерористичките екипи на МВР прегледале дури 49 училишта (во Скопје 17 основни училишта и 22 средни училишта, во Куманово 8 основни училишта плус еден клон и едно средно училиште), додека во петокот под закани беа Скопскиот аеродром, ТЦ “Ист гејт“, Фудбалската федерација на Македонија, хотелот „Александар Палас“ и СЦ „Борис Трајковски“.
Скопскиот аеродром беше затворен за патници цели три часа додека во хотелот “Александар Палас“ во Скопје се откажа годишната конференција на Стопанската комора на Македонија, на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Каква е содржината на заканите?
„Македонците се соучесници во уништувањето на мојата земја. Затоа на денешниот ден се удруживме со нашите истомисленици и политичка партија за да ги минираме следните локации во Скопје и тоа со 8 бомби на Меѓународниот аеродром Скопје, 5 бомби во Националната арена „Тоше Проески“, една бомба во зградата на ФФМ, една бомба во ТЦ „Ист Гејт“, две бомби во хотел „Мериот“ и една бомба во хотел “Сенигалиа“, пишува во е-писмото кое во петокот утрото било испратено на електронската адреса скопскиот аеродром.
Во дописот меѓу другото се вели дека бомбите се активираат и ќе експлодираат на „сеизмичен покрет“.
„Можеме ова да го правиме секој ден, го сакате ли ова? Бидејќи крајот не изгледа добро по вас и вашите деца, граѓани, луѓе. Или можете да решите конечно да ја направите вистинската одлука. Суспендирајте ги санкциите, е.ани гомна“, се вели во заканувачката порака.