ПАЛИЈАТИВНАТА НЕГА НЕ ЗНАЧИ КРАЈ

Австралиско-македонската добротворна организација на Нов Јужен Велс (НЈВ), во рамките на проектот за поддршка на мултикултурните заедници исполнети со сочувство (финансиран од Одделот за здравство при Владата на НЈВ), сака да ги информира членовите на заедницата во областите на југоисточен и југозападен Сиднеј и Волонгонг за дел од темите кои се обработуваат во овој проект.

Во ова издание ќе зборуваме за палијативната нега во текот на животот.

Што е палијативна нега?

Палијативната нега претставува поддршка за лицата со неизлечливи заболувања, со цел да им се обезбеди најдобар можен квалитет на живот. Ова се постигнува преку координација и давање низа услуги прилагодени на индивидуалните потреби на болното лице и неговиот неговател.

Таа им е достапна на сите — без разлика на возраста, расата, културата, потеклото или вероисповедта. Повеќето услуги се бесплатни, но заболеното лице, членовите на семејството и негователите можат дополнително да се информираат за сите евентуални трошоци во својата локална служба за палијативна нега.

Во зависност од потребите, палијативната нега може да вклучува: примање лекови и други терапии за ублажување на болката и контрола на симптомите; поддршка за членовите на семејството; помош и опрема за овозможување удобен престој во домот, кога е тоа можно; помош за задоволување на духовните, верските и културните потреби на болното лице и редовни посети од здравствени работници и други даватели на нега.

Доколку болниот и семејството се одлучат за палијативна нега, тие можат отворено да зборуваат за личните потреби, да поставуваат прашања и да побараат специфични услови за да ја добијат најдобрата можна грижа. Притоа, заболеното лице и семејството секогаш го имаат последниот збор при донесувањето одлуки за здравјето, медицинските третмани и општата благосостојба.

Каде може да се добие соодветна палијативна нега?

Во зависност од потребите и можностите, палијативната нега може да се обезбеди на местото каде што сака заболеното лице:

  • Во неговиот дом
  • Во општа болница
  • Во амбулантска установа за палијативна нега
  • Во специјализирано одделение или хоспис (болница за тешко болни лица)
  • Во други установи за нега, како што се домовите за постари лица

Престојот во општа болница или хоспис обично е краткотраен и е наменет за намалување на симптомите и болката, со цел лицето да може да се врати дома, доколку тоа е можно.

Главните негователи се членовите на семејството, роднините и пријателите, а стручна помош обезбедува тимот за палијативна нега. Оваа нега е тимски напор во кој можат да учествуваат: медицинска сестра, лекар, волонтери, помошен работник, свештено лице, социјален работник, фармацевт и други стручни лица.

Дали болката може да се намали?

Во речиси сите случаи, доколку болката е еден од симптомите, таа може да се ублажи со: аналгетици (лекови против болка), други соодветни медикаменти, масажа, медитација, акупунктура и радиотерапија (кога е индицирана).

Поддршка за семејството при негата на заболеното лице

Службата за палијативна нега исто така му помага и на семејството кое се грижи за болниот. Помошта може да вклучува:

  • Помош при закажување и заминување на лекарски прегледи
  • Едукација за правилно давање на лековите и примена на негата
  • Поддршка за соодветно задоволување на потребите на болниот
  • Обезбедување одмор за главниот неговател (соодветна замена)
  • Помош при организирање финансиска и правна поддршка
  • Поддршка и советување надвор од редовното работно време

Палијативната нега може да се користи во која било фаза од болеста и не е наменета само за лицата кои се на самиот крај од животот. Користењето палијативна нега не значи дека надежта е изгубена, дека сите се „откажале“ од пациентот или дека семејството се откажало од грижата. Заболеното лице може да продолжи со редовното лекување додека истовремено добива и палијативна нега.

Повеќе информации и помош може да побарате кај вашиот матичнен лекар и во најблиската локална служба за палијативна нега.

Лихнида Бахчанџиева-Тасеска, Координатор на сервисите, AMWW NSW

Останати вести