Париските ултраси не ги сакаат катарските пари: ПСЖ го (за)губи својот идентитет!

Иако секој би посакал катарски газди како во “Паркот на принцовите“, кои од просечен клуб ќе направат европски гигант, ултрасите на Пари Сен Жермен го вклучија алармот и бесно со соопштение побараа поддршка од останатите приврзаници на „светците“, зашто нивниот клуб сè повеќе го губи идентитетот во глобализацијата.

Париските навивачи се бесни што ПСЖ полека ги занемарува домашните натпреварувања (неодамна испадна од Купот), а сета концентрација е ставена на Лигата на шампионите, на глобалниот пазар со продажба на стотици илјади дресови, во која битка сè повеќе се занемаруваат вистинските бои на клубот, па сето тоа доведува до губење на идентитетот по кој ПСЖ беше препознатлив.

„Клубот одамна го претстави лицето кое не го поддржуваме, лицето на клубот кое сака да биде глобален бренд. Кое продава дресови, занемарувајќи ги вистинските бои, лицето на клубот кое стана собиралиште на размазени детишта, без оглед на последиците. Лицето на клубот кое сака да остави впечаток дека сезоната почнува во февруари и кое ги презира домашните натпреварувања и трофеи. Нашиот клуб е непрепознатлив, си ја изгуби својата ДНК. Денеска нашето трпение ги достигна границите! И покрај сите разочарувања, ние за клубот секогаш сме тука, ама денеска повикуваме на узбуна и време е да реагираме. Во спротивнист, нè чека огромно разочарување. Почитувајте нè, почитувајте ги нашите бои“, објавија ултрасите на ПСЖ.

Навивачите се бесни на неразумното управување со клубот, пречестите промени на тренерите, посебно ги истакнуваат фудбалерите на кои фудбалот не им е приоритет туку заработката, а најмногу ги нервира тоа што ѕвездите добиваат сè што ќе посакаат, а капак на сè е што традиционалните дресови ги нема повеќе, па традиционалната црвена линија сега е застапена само околу вратот и на ракавите.

Според ултрасите, ПСЖ е повеќе „екипа за ТВ-сапуници наместо вистински професионален клуб“.

Останати вести