Шефот на државата Стево Пендаровски стави потпис на петте изменети законите: за работни односи, за експропријација, за градење, за урбанистичко планирање и за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер. Со потпишувањето на указите се отвори пат за нивно стапување на сила (само уште да се објават во “Службен весник“).
Овој чекор на Пендаровски за т.н. „Закони за Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските коридори 8 и 10д следи и покрај острите противења на синдикатите и граѓанските организации, пред се за законот за работни односи.
Образложението на Пендаровски зошто ги потпишал указите е дека во законските измени, меѓу другото, не стои формулација 60-часовна работна недела.
– Никому не оспорувам дека и сега може да поднесе иницијатива и да каже дека ова мое толкување не држи. Освен што во законот нема експлицитна одредба дека работната недела ќе биде 60 часа по работник, има една друга одредба која ми помогна во носењето на одлуката – таа одредба вели „освен за работи кои имаат специфичен процес на работа“. Да преведам, овде зборуваме за автопатишта – нивното градење, а сезоната не трае повеќе од 3 до 6 месеци, така што, на ниво на година нема да се пробијат законските саати, изјави претседателот Стево Пендаровски.
Ставот на Пендаровски е дека дебатата за овие закони наместо да биде за нивната суштина се трансформирала во дневнополитичка пресметка меѓу власта и опозицијата кои, освен за проектот „Бехтел и Енка“, не можат да најдат консензус и за друго прашање од исклучително значење – уставните измени. Според шефот на државата, пораката што американскиот сенатор Крис Марфи ја испорача – дека неспроведувањето на овој процес ќе се одрази на американско-македонските односи, најверојатно е упатена на адреса на ВМРО-ДПМНЕ.
– Внесот и на други делови од народи во Уставот нема да ја загрози иднината на Македонија, како што тоа не се случи и кога се внесоа уште 6 народи во минатото. Претпоставувам дека сенаторот Марфи мислел на луѓето од опозицијата со кои се виде, а нивниот став е познат: тие се против уставни измени што значи дека на 1 декември сами себе ќе се блокираме и тоа само по себе е голема причина за загриженост кај нашиот најголем стратешки партнер, вели Пендаровски.
Процедурата за уставните измени во Собранието треба да започне и покрај се уште необезбедениот политички консензус, смета претседателот на државата.
– Знаете, тоа е голема една политичка дилема а не правна: дали да влегувате во уставни промени ако немате обезбедено две третини претходно. Она што го знаеме, во тие рамки се движеше и моето размислување. Денеска сум повеќе склон да верувам дека е потребно да се влезе во парламент, дури под претпоставка да немате сигурни 80 претходно, со тоа што јасно на таков начин и со првото гласање кое бара две третини, би се идентификувале двата главни блока во државата – проевропски антиевропски блок, рече претседателот Пендаровски.