Петер Норман, спортистот на кого Австралија му создаде многу повеќе проблеми од Ѓоковиќ

На почетокот на 2018 година Австралискиот олимписки комитет постхумно му додели на Норман Орден за заслуги. Претходно Атлетикс Австралија и владата на Викторија објавија дека ќе подигнат бронзена статуа пред стадионот Лејксајд во Мелбурн. Исто така се прифати 9 октомври како Ден на Питер Норман, кој се слави во САД од неговата смрт пред 12 години

Во време кога „притворот“ на Новак Ѓоковиќ во Австралија беше главна спортска вест, ги освежи сеќавањата на тоа што властите му го направија на еден од најдобрите атлетичари во историјата, Питер Норман.

Потегот кој Питер Норман го направи на Олимписките игри во Мексико сити 1968 година, го направи бесмртен во историјата на спортот и олимпизмот, но во татковината го чинеше навреди, тортура, потсмев и на крајот животот.

Норман во финалната трка на 200 метри го освои второто место зад Американецот Томи Смит, а беше пред Џон Карлос. Но, за време на свечената церемонија на доделување на медалите, тогаш 25-годишниот Норман направи потег кој влезе во аналите на спортската и светската историја.

Историска е сликата од победничкиот подиум на која Смит и Карлос стојат со наведнати глави и крената рака со црна ракавица на неа како знак за борба против расизмот како и за правата на  црните американци во САД, додека Норман носи беџ на олимпискиот проект за човекови права кој укажуваше на постоење расизам кон црномурестите спортисти.

Норман со својот потег ги воодушеви Смит и Карлос, кои во 2006 година го носеа неговиот ковчег за време на погребната церемонија, но му создаде огромни проблеми во Австралија.

Иако го освои сребрениот медал и беше најдобар атлетичар во историјата на својата земја, неговите сонародници му го загорчеа животот поради поддршката на афроамериканците.

Иако дури 13 пати ја исполни нормата за настап на следните ОИ во Минхен 1972 година, селекторите на атлетската репрезентација го игнорираа и во предвид го зедоа времето кога трчаше повреден и не ја исполни нормата.

Потоа омразата од спортскиот терен се префрли и во приватниот живот и тоа неговите сонародници не му го простија се до неговата смрт во 2006 година.

Дури и за време на Игрите во Сиднеј 2000 година, Норман не беше повикан да учествува во локалната промоција, а исто така не беше ниту меѓу почесните гости на свеченото отворање. Норман ќе беше заборавен да не беше Олимпискиот комитет на САД и членот на делегацијата Стив Симонс кој дури организираше лет и сместување за Петер Норман додека траеја Игрите. Интересно е што Норман спиеше во креветот кој беше наменет за Симонс, додека легендата на американската атлетика спиеше на подот.

Петер Норман е роден во сиромашно семејство и уште од најмала возраст е учен да работи и да му помага на семејството, па така на 13 години работел во локалната месарница.

Но, секој слободен момент го користеше за да трча на локалната патека и кога неговиот татко стана свесен дека Петер е талентиран спринтер, позајми еден пар патики од пријатели за да може неговиот син да трча. Тој со користени патеки успеа да обезбеди победа на својата штафета иако последната замена ја започна со големо заостанување зад лидерот.

Оттогаш почнаа да се редат и успесите: го освои третото место на Игрите на Комонвелтот во 1966 година, додека од 1966 до 1968 три пати беше шампион на Австралија на 200 метри.

За колку голем спринтер беше Норман говори податокот дека неговиот резултат од Игрите во Мексико 1968 година, од 20.06 секунди, сè уште е рекорд на Океанија.

Но, наместо слава по Игрите во Мексико, Норман живееше во вистински пекол.

– Додека ние за нашиот настап добивме по ушите во САД, Петер мораше да се соочи со целата земја и да пати сам – изјави Карлос неколку години подоцна.

Врвот на неправдата беше 1972 година кога му беше одземена правото да учествува на Олимписките игри, а неговото семејство почна да го чувствува гневот на Австралија на своја кожа поради што Петер Норман се разведе.

Потоа Норман беше предмет на постојани навреди од сонародниците, поради што падна во депресија. Работеше како наставник по физичко воспитување, потоа и во месара, но по тешката повреда во 1985 година за време на хуманитарна трка, доби гангрена на ногата и следуваше период на борба со зависност од лекови против болки, а потоа и борба со алкохолот.

Петер Норман почина во 2006 година, но дури и тогаш не доби извинување од тортурата која му ја приреди државата. Официјалното извинување дојде во 2012 година, шест години по неговата смрт.

Останати вести