Повеќе од само игра: Македонија загуби од Бугарија (0:1) среде Скопје

Во меч со многу емоции, многу борба, стартови, фаули, Бугарија ги однесе трите бода од Скопје. На последниот меч од Лигата на нации излезе дека Бугарите се посмирени, им се погоди Тодороски да добие црвен картон на почетокот од мечот и потоа дочекаа контра за да постигнат гол. На крајот и да ги однесат бодовите.

Македонија дури и со играч помалку имаше шанса да избегне пораз, барем да израмни, но повторно немаше реализација која очигледно е проблем за нашиот национален тим во ова издание на Лигата на нации (тоа се покажа особено против Грузија и против Бугарија).

Кутриот селектор Благоја Милевски се стремеше за голема победа. Дури побара цели 30 дена никој да не ја користи Арената “Тоше Проески“ само за теренот да биде во топ-состојба. Но црвениот картон на Тодор Тодороски во 14. минута целосно го смени спремниот концептот за играта. Милевски мораше итно да менува, а тоа придонесе и за „рокади“ во составот, за нови позиции на одредени играчи, во одбраната да мора да помагаат и Елмас, па и Барди и Миовски.

„Колатерална штета“ од целата ситуација излезе Александар Трајковски, па беше повлечен од игра уште во 22. минута за да влезе Ашковски и да го надополни отсуството на Тодороски.

И во ситуација со играч помалку, првата и единствена посериозна шанса ја имаше Македонија. Милан Ристовски упати „бомба“ по голот на Бугарија, но Наумов одби во корнер.

Бугарите ја презедоа иницијативата во финишот од првото полувреме, но нивните нафрлени топки од страничните позиции не дадоа плод. Сето тоа одбраната на Македонија и голманот Димитриевски лесно го решаваа. Македонија изведе два корнери, меѓутоа само по едниот се закани Бејтулаи, но само крај голот.

Бугарија ја дочека својата шанса од противнапад да ја загрози Македонија, а тоа дојде веднаш на стартот од вториот дел. Загубена топка на Македонија, и противнапад на Бугарите преку Кирилов на левата страна, кој додаде до Десподов, излегувајќи сам пред голот го совлада Димитриевски и донесе водство за гостите.

И после голот истата игра. Бугарија чекаше можност од противнапади, па Десподов одново се закани во 56. минута, меѓутоа само во рацете на Димитриевски. Падот во играта на Македонија беше очигледен, па во 59. минута Бејтулаи спаси сигурен гол, расчистувајќи од гол линијата.

Тоа го примети и селекторот Милевски, па реагираше со измени, вадејќи ги двата најистурени играчи и во игра влегоа Спировски и Дориев. И веднаш дојде шанса на Алиоски по центаршутот на Спировски, и волеј удар кој Бугарите го расчистија од самата гол линија во 62. минута. Следната минута видовме и опасен центаршут од Бејтулаи, за одбраната на Бугарија да има проблеми, но некако да ја расчисти топката. Нападите на Македонија се редеа меѓутоа промена на резултатот немаше.

Бугарија, откако ги издржа неколкуте налети, повторно ја презеде иницијативата. Гостите смирено ја чекаа својата шанса и еден удар на Недјалков кој „профуче“ над голот на Македонија.

Беше мирно се до 80. минута кога Македонија тргна во дефинитивен финиш да се „спасува“ од пораз. Алиоски имаше шанса во 81. минута, но топката мина за малку крај левиот дирек.

„Златната“ шанса ја имаше Дориев во 91. Минута кога доби топка од десната страна, но наместо да шутира во голот, тој се реши да проигрува и одбраната на Бугарија расчисти.

И во судиското надополнување без промени, гостите се одбранија и на крајот ги однесоа бодовите.

Ова беше пораз кој сигурно долго ќе ја боли Македонија, но и пораз кој ќе треба да биде освестување за нашата селекција која има поразителен финиш во Лигата на нации. Пораз кој можеби ќе донесе и промени во селекцијата пред квалификациите за ЕП 2024 година. Но, имајќи во предвид каков преоден рок имаа македонските играчи, вакво нешто можеби и не е изненадување.

Останати вести