По повод 114-годишнината од раѓањето на патронот на Македонското литературно друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан, истакнатиот македонски поет и писател за деца Ванчо Николески, на 13 јуни 2026 година во просториите на Македонскиот центар „Свети Илија“ во Квинбијан се одржа свечено поетско читање посветено исклучиво на неговото творештво.
Настанот го отвори претседателот на друштвото, Наум Трајчески, кој во своето пригодно обраќање зборуваше за животот, делото и значењето на Ванчо Николески како еден од основоположниците на современата македонска книжевност, оставајќи неизбришлива трага во литературата за деца и во македонската култура воопшто.
Во програмата учествуваа ученичките од Основното училиште „Карабар“, сестрите Марија и Ана Петкоски, кои со голема љубов и посветеност рецитираа песни од Ванчо Николески. Потоа свои интерпретации на поезијата на големиот македонски автор изведоа членовите на МЛД „Ванчо Николески“: Роза Ночевска, Ристе Петрески, Билјана Петкоска и Наум Трајчески.
Свеченоста продолжи во пријатна и другарска атмосфера со заеднички ручек, подготвен и дониран од вредните домаќинки од Квинбијан и Канбера, како и од Управата на МПЦО „Свети Илија“, предводена од претседателот Жарко Петрески.
Од Управата на МЛД „Ванчо Николески“ упатија искрена благодарност до сите присутни за нивната поддршка и учество во одбележувањето на овој значаен јубилеј. Притоа ја истакнаа својата надеж дека и понатаму ќе останат обединети во зачувувањето, негувањето и промовирањето на македонскиот јазик, литература и култура.