Само околу 3% од резидентното население во Македонија има двојно државјанство (што укажува дека оние силни бројки на двојни државјани со бугарско, австралиско, канадско, италијанско или американсмо државјанство живеат во дијаспората). Најголем дел од резидентите со двојно државјанство – околу 37% – освен македонско имаат и бугарско државјанство, покажуваат податоците од Пописот 2021, објавени од Државниот завод за статистика.
Од вкупното резидентно население 1.778.725 лица се државјани само на Македонија, 53.201 се државјани на Македонија и друга држава, 4.203 се државјани само на друга држава, а 584 лица немале државјанство.
Интересно е тоа што, додека двојно државјанство повеќе имаат мажите – 30.003, отколку жени – 23.198, државјани на друга држава кои живеат во земјата се повеќе жени – 2.824, од мажи – 1.379.
По старосни групи, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години – 5.190 лица. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години – 11.768 или 22 % и активно население од 35 до 49 години – 15.171 или 28,5%.
Од вкупно 53.201 граѓанин со двојно државјанство, најголем дел 19.645 освен македонското имаат и бугарско, по што следат 10.909 и со српско, 3.819 и со хрватско, 2.393 и со косовско, 2.164 и со албанско државјанство, словенечко имаат над 1.000 а грчко и македонско државјанство пријавиле 208 граѓани.
Надвор од земјите од регионот најбројни се оние со второ американско државјанство – 1.937, додека второ германско државјанство пријавиле 804 македонски резиденти. Француско пријавиле 263 македонски државјани, а 269 македонски државјани имаат и руско државјаство. Австралиско како второ државјанство од вкупниот број на попишано население на државата пријавиле само 211 лица.
Интересен е податокот дека дури 115 македонски резиденти имаат и државјанство на Американска Самоа, додека државјанство од најбројната држава во светот, Кина, на пописот пријавиле 18 лица, од кои на шест кинеското им е второ државјанство.
Според етничката припадност, најголем дел од граѓаните со двојно државјанство се Македонци – 58,8 % (31.300 лица), потоа Албанци 16,04 % (8.500) и Срби – 10,7 % (5.700).