Мајките со пониски примања кои се враќаат на работа по породувањето заработуваат помалку од $5 на час откако ќе ги платат трошоците за детето. Тоа е цената на мајчинството, според најновиот извештај за условите за грижа за децата во Австралија. Извештајот, на финансиската компанија AMP и Националниот центар за социјално и економско моделирање, покажува, мајките, откога ќе платат даноците и трошоците за градинка, од дневницата им остануваат пари со кои можат да купата само шолја кафе.
Цените на услугите за грижа за деца пораснаа побрзо од цените на енергенсите, се вели во извештајот. Исто така, скокнаа двојно повеќе од зголемувањето на киријата и три пати повеќе од зголемувањето на цената на потрошувачката кошничка.
Овие движења претставуваат предизвик и за семејствата и за владите во следните пет години, бидејќи не постои магично стапче што ќе ја направи грижата за децата поевтина, вели Бен Филипс, водечкиот истражувач на проектот.
Ова се докажува со конкретни податоци. На пример, мајка со ниски приходи која работи со скратено работно време и сака да се врати на работа со полно работно време ќе добива $16.37 за секој од 20 дополнителни часови што ги минува на работа секоја недела. Од тоа, сепак, ќе и останат само $4.09. Останатите 75 отсто од платата ќе отидат за градинка, данок на доход и губење социјална помош.
Мајка со среден приход во иста ситуација ќе добива $30.70 за секој дополнителен час работа до полно работно време. Но, откако ќе плати за грижа за дете и данок, ќе и останат само $7.83.
„Трошоците за чување деца, губењето социјална помош и зголемен данок со раст на платата значат дека финансиската добивка за многу австралиски жени кога ќе се вратат на работа по раѓањето на децата е занемарлива“ – се заклучува во извештајот.
Џон Чери од најголемиот сервис за грижа за деца Goodstar Earlx Leaming, вели овој извештај покажува ако владата се грижи за зголемување на учеството на жените во работната сила, треба да направи повеќе за мајките кои се враќаат на работа тоа да им е финансиски корисно.
„Во системот за грижа за деца постојат некои навистина сериозни недостатоци кои треба да бидат отстранети. Семејствата со ниски приходи заслужуваат многу почесен третман отколку што го добиваат“ – рече тој.
Цената на услугите за грижа за деца, изразена процентуално во семејниот буџет, варира од област до област. На пример, во богатиот Мосман, Сиднеј, тој трошок изнесува 9.3 отсто од просечниот приход на жител. Во регионот Кимберли во Западна Австралија, луѓето даваат 11.4 отсто од приходот, а во Чартерс Тауерс, Квинсленд, само 3.7 отсто.
Меѓу главните градови, Бризбејн е најпристапен, додека некои родители во Сиднеј плаќаат дури до $170 дневно за дете во градинка. На пример, Хејли Кудра, вработена мајка од Бризбејн, вели за четири дена во неделата за својата 2,5-годишна ќерка, плаќа $432, и покрај државната субвенција.