Министерот за надворешни работи Бујар Османи иницирал формирање работна група која треба да изврши итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста во МНР, особено закана која е поврзана со предметниот случај со приведениот македонски дипломат. Истовремено ќе се направел и вонреден ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка.
Но и натаму останува прашањето како е можно луѓе кои не се доблесни ниту сопственото семејство да го претставуваат, се поставуваат за репрезенти на државата?
Миле Миленкоски (53, роден во Прилеп), заменик-шеф на македонската мисија во ОБСЕ (Виена), беше уапсен на 27 август од српските гранични полицајци на преминот Прешево при обид да влезе во Македонија. Против него била распишана црвена потерница на Интерпол по барање на властите од Ерменија. Српски судија во Врање го ставил во екстрадиционен притвор до една година.
Според ерменските власти, во 2018 година тројца дипломати од Македонија, предводени од Миленкоски, му помогнале на поранешен ерменски функционер Левон Саркасјан да избега од земјата со приватен лет. Левон е брат на поранешниот ерменски претседател, Серж Саркисјан и му бил донесен лажен македонски пасош (уште еден во аферата со 215-те пасоши) по што оделтал за Виена. Обвинението против него е за проневера на големи фондови при изградбата на автопатишта по коридорот Север-југ во Ерменија.
Дали и кој го криел случајот во фиока?
Единствен документ кој го добило МНР, кон крајот на 2019, е писмо од МВР преку кое прашале дали тројцата дипломати меѓу кои и сега уапсениот Миле Миленковски поседуваат дипломатски пасоши. И дали во 2018 биле на службено патување, тврди шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Откако одговориле, вели Османи, не добиле никакви сознанија дека е распишана потерница за Миленкоски.
Небитно за него е, како што вели, зошто Миленкоски бил упатен како заменик шеф на мисијата на ОБСЕ во Австрија со оглед на тоа што поседувал безбедносен сертификат издаден во февруари 2019 и немал никаков притисок за да го стори тоа.
Документот кој бил доставен од МВР на својот Фејсбук профил го објави пратеникот и поранешен министер за надворешни Антонијо Милошоски. Османи не сака да ги коментира прашањата упатени од Милошоски тврдејќи дека се политичка провокација но признава дека целиот скандал ги обелоденил слабостите на издавање на безбедносни сертификати.
Во врска со посоченото од Османи реакција нема ни од АНБ како една од институциите задолжена за безбедносни проверки ниту пак од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како надлежна за издавање на националните сертификати за безбедност.
На конкурс ли ги бираат такви?
Миле Миленкоски меѓу македонските дипломати бил познат како личност вмешан во многу скандали, инциденти по македонските дипломатски претставништва, сомневања за финансиска измама во македонскиот конзулат во Детроит, физички пресметки со колеги, враќан пред завршување на мандатот во Скопје, недолично однесување како дипломат…
И покрај сите овие инциденти и потерници неодамна Миленкоски беше пратен на нова дипломатска задача во Виена што отвора сериозни прашања за процедурите и контролите што треба да ги вршат безбедносните служби.
Според информациите на “МКД.мк“ Сарафов бил сoветник во кабинетот на минситерот Никола Димитров задолжен за секторот национални приоритети, дијаспора и малцински прашња. Името на Сарафов исто така се споменува во повеќе инциденти по македонските дипломатско-конзуларни претставништва, а за два од нив пишуваа и медиумите – нападите на Сарафов врз дипломатите Александар Тавчиовски во Виена и амбасадорката Добринка Тасковска во Хаг. И за Сарафов и за Миленкоски колегите од Министерството за надворешни работи на Македонија велат дека биле многу блиски со Виктор Димовски, поранешен државен секретар во МНР и актуелен директор на Агенцијата за национална безбедност.
Третиот дипломат од “ерменската ефера“ е Стево Симски, кој моментно е на годишен одмор.
На сите тројца им е суспендиран дипломатскиот пасош. Министерот Османи се правда дека МНР има над 400 вработени, од тоа половината се надвор од земјата. Она што било битно кога се бира дипломат за испраќање во странство било дали има сертификат. Миленкоски имал таков со важност до 2024.
– Во случајов упатувањето на Миле Миленкоски не е проблематично. Воопшто не е релевантно тоа дали тој работел на 4 кат тука и имал пристап до документи за цел свет или во некоја мисија. Прашањето се гаранциите, вели Османи.
За кои гаранции тој зборува? За тоа кој е поголем тепач, пијаница или мафтосувач?