Сиднеј Македонија освои бод на гостувањето кај Макартур Рамс, одигрувајќи нерешено 1:1 во натпревар од 24. коло на Првата лига на НЈВ.
Интересно е што домаќинот ги постигна двата гола на натпреварот. Сиднеј Македонија поведе уште во 9. минута, кога по несреќна интервенција на дефанзивецот Џејкоб Еспозито топката заврши во мрежата на Макартур Рамс за автогол и водство од 0:1.
Во второто полувреме домаќините успеаја да израмнат преку Мајкл Мартин, кој во 74. минута ги постави конечните 1:1. До крајот на средбата Макартур Рамс беше поблиску до победата и создаде неколку добри можности, но не успеа да го постигне победничкиот погодок.
По ова реми Сиднеј Македонија се спушти на четвртото место на табелата.
На полувремето од натпреварот беше организирана и хуманитарна церемонија. Секретарот на клубот, Дени Гроздановски, му врачи чек во износ од 2.860 долари на генералниот менаџер на Макартур Рамс, Пол Бертолисио. Средствата беа собрани од навивачите и заедницата на Сиднеј Македонија за време на минатонеделниот „Ladies Day“ на „Jensen Park“, а се наменети за младата фудбалерка на Макартур Рамс, Ајви.
Во следното, 25. коло, Сиднеј Македонија ќе гостува кај Булс Академи. Натпреварот е закажан за сабота, 18 јули, со почеток во 19:00 часот.
ТАБЕЛА
Блектаун Спартанс 47
Нордерн Тајгерс 43
Кантербури Бенкстаун 41
Сиднеј Македонија 40
Макартур Рамс 39
Ридалмер Лајонс 34
Булс Академи 33
Хилс Јунајтед 33
Хакоа Сиднеј 30
Централ Кост Маринерс 27
Хрствил Загреб 27
Интер Лајонс 25
Њукастел Џетс 23
Дулвич Хил 23
Проспект Јунајтед 18
Вестерн Сити Ранџерс 16