Прва лига на НЈВ – 5. коло, Централ Кост Маринерс – Сиднеј Македонија 1:4

Екипата на Сиднеј Македонија ја запиша и втората победа по ред, откако на гостувањето кај Централ Кост Маринерс славеше убедливо со 4:1 и освои нови три бодови со кои се приближи до средината на табелата.
„Лавовите“ одлично го отворија натпреварот и уште во раната фаза ја презедоа контролата врз играта. Водството за Сиднеј Македонија го донесе Ј. Гроздановски во 5. минута, а само три минути подоцна П. Кекерис ја зголеми предноста на 2:0. Пред самиот крај на првото полувреме повторно на сцена стапи Гроздановски, кој во 45. минута го постигна својот втор гол на натпреварот и ја зголеми предноста на 3:0.
Во вториот дел домаќините успеаја да намалат во 50. минута преку К. Шумахер, но Сиднеј Македонија не дозволи неизвесност. Конечните 4:1 ги постави Гроздановски со својот трет гол на натпреварот во 87. минута, комплетирајќи хет-трик и одлична вечер за својот тим.
Со оваа победа Сиднеј Македонија има шест бода и се наоѓа на десеттото место.
Во следното коло, во сабота на 14 март со почеток во 18 часот, Сиднеј Македонија на домашен терен ќе ја пречека екипата на Вестерн Сити Ренџерс.

Останати вести