Oсветувањето на црквата Свети Георгиј во Фицрој во 1960 година
Значаен 65-годишен јубилеј на Македонската православна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн, Викторија, која е првата македонска православна црква изградена надвор од Република Македонија и основач на КУД “Светлост”.
Активностите во Мелбурн за изградба на македонската црква почнаа веднаш по создавањето на Републиката. Меѓутоа, најзначаен датум за Македонската заедница во Австралија е 14 мај 1956 година, кога се одржа првиот јавен собир на кој со ентузијазам почна кампањата за собирање средства меѓу Македонците со цел да се изгради македонски храм, што ќе им служи со гордост да ја истакнуваат својата национална припадност.
Првите подготовки за црковното органзирање датираат од крајот на 1955 година и од почетотокот на 1956 година, кога во Мелбурн, група активисти, меѓу кои беа: Ристо Алтин, Дане Трпков, Стојан Србинов, Петре Божанин и дуги дојдоа до заклучок дека треба да се пристапи кон нови, пошироки форми на собирање.
Во тоа време создавањето на македонската православна црковна општина и градбата на македонскиот духовно-национален храм наиде на силен отпор кај негаторите од соседните држави од Балканскиот Полуостров. На Илинден 1958 година беше поставен камен-темелникот на црквата ,,Св. Ѓорѓи“, а на 7 август 1960 година тогашниот епископ Злетовско-струмички г. Наум, во сослужение на поголем број македонски свештеници, го освети храмот на светиот великомаченик Ѓорѓи и тоа е прв храм надвор од Македонија осветен од македонски владика.
Во составот на црквата започна со успех да работи Културно-уметничкото друштво ,,Светлост“, формирано во 1960 година, чии членови покажаа голема љубов кон македонската народна песна и оро. Исто така, во состав на црквата работи пензионерска група и други секции. Со формирањето на Првата Општина како и изградбата на првиот македонски православен храм била остварена посакуваната цел, меѓутоа тука не се застанало, но напротив со уште поголем оптимизам се продолжило да се збогатува народното дело. Така, во 1969 година купено е место за манастир во Кинглајк, а на 29 јануари 1978 година е осветен првиот македонски православен манастир надвор од границите на Македонија, манастирот “Свети Климент Охридски”. Во меѓувреме, во овој период, поточно во 1976 година купено е место за изградба на Културен Центар, а во 1981 година свечено е пуштен во употреба Македонскиот Културен Центар во Епинг. Во дворот на Културниот Центар подоцна е поставен споменик во чест на нашиот голем македонски син, великиот револуционер и визионер Гоце Делчев. Едно од најголемите, но не и последно дело, се разбира, е прелоцирањето на старата црква “Свети великомаченик Георгиј” од Фицрој во Епинг. Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Фицрој беше срцето на македонскиот живот во Мелбурн со децении. Денес таа е олицетворена со МПЦ “Свети Георгиј и Пресвета Богородица”, Епинг, која на 7 мај 1995 година беше осветена од тогашниот владиката Стефан, сегашен архиепископ на Македонската православна црква – ОА и владиката Петар. Илјадници Македонци присуствуваа на светиот чин на осветување.
Секој еден животен пат е тежок и трновит. Таков е и животот на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија: од самиот почеток полн со препреки, заканувања, негирања, а подоцна подложен на големи искушенија во грижата за свој опстанок. Во овој контекст, со тага си приспомнуваме за два немили и катастрофални настани од историјата. Првиот, во 2000-та година, кога беше запалена новата црква во Епинг, и вториот од 2009-та година, кога во катастрофалниот пожар што ја зафати Викторија, целосно изгоре манастирскиот комплекс “Свети Климент Охридски” во Кинглајк. Тие одново беа изградени и во октомври 2023 беше свечено отворен и вториот Македонски Културен Центар во Епинг. Со вкупна внатрешна површина од 781 квадратен метар и капацитет на салата од 220 седишта. Модерно здание со две големи функционални простории и сите потребни придружни елементи.