Премиерот Ендрјус се откажа: Commonwealth sport – abort!

Шокантна беше веста во вторникот утрото дека Комонвелт игрите се откажуваат во Викторија бидејќи владата ги пренасочува алоцираните пари. Наместо финансирањето на Игрите, премиерот објави пакет од 2 милијарди долари за регионалните области во Викторија, 600 милиони долари помалку од првично ветената инвестиција за одржување на Игрите.

Пакетот вклучува регионален фонд за домување од 1 милијарда долари за изградба на 1.300 нови домови низ регионалната Викторија.

Извршниот директор на Commonwealth Games Australia, Крег Филипс, остро ја критикуваше викториската влада, тврдејќи дека таа „намерно ги игнорирала препораките за преместување на настаните во Мелбурн“ и наместо тоа имала намера да прави скапи привремени места во регионалните градови на Викторија.

Мелбурн последен пат ги одржа Игрите на Комонвелтот во 2006 година и има целосна инфраструктура за што не треба воопшто да се трошат пари.

Филипс рече дека е заинтересиран да види како владата ги направила нејзините проценки дека ќе чини 4 милијарди долари за одржување на Игрите во Мелбурн, особено што во 2018 година за 1,2 милијарди долари се одржаа Игрите на Голд Коуст,  а минатите во 2022 година во Велика Британија чинеа 1,8 милијарди долари во Бирмингем.

Commonwealth Sport соопшти дека добил известување само осум часа пред да се објави откажувањето, а претходно биле уверувани дека има доволно средства.

Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, беше запрашан колкава ќе биде цената за раскинување на договорот за Игрите, на што тој рече дека нема да „шпекулира“.

– Нема да преговарам со комитетот на Игрите на Комонвелтот преку медиумите во Мелбурн кога имам тим од луѓе кои го прават токму тоа во Лондон, кажа тој.

Однесувањето на Премиерот на Викторија Даниел Ендрјус беше далеку од славеничкото расположение што го имаше минатата година во април, додека стоеше на стадионот “Еурека“ во Баларат и ги најавуваше Игрите.

Ниту еден друг град си уште не се понудил да “ги здоми“ Игрите, а другите премиери на австралиските држави и територии изјавија дека нема да ја преземат улогата на домаќин што ја ослободи Викторија.

Останати вести