Премиерот Мицкоски за грчките тврдењадека спречиле Меланијада го употреби името Македонија: „Зарем г-ѓа Трамп говорите првоги праќа кај Грците на рецензија?!“

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не верува оти грчкиот амбасадор во САД, Андонис Александридис, имал увид во говорот на првата дама на САД, Меланија Трамп, по што ја спречил да го употреби името Македонија на собирот на кој присуствувала и неговата сопруга, Рози Мицкоска.

Минатата седмица повеќе грчки медиуми објавија дека грчкиот амбасадор во Вашингтон бил информиран за говорот на Меланија Трамп, наменет за Глобалниот самит во Белата куќа, и „навреме реагирал да се користи терминот Северна Македонија“. Како што објавија грчките медиуми, наводно се очекувало Меланија Трамп да ѝ се обрати на сопругата на македонскиот премиер, користејќи ја фразата „ја поздравуваме Македонија“, во присуство на гости од 45 земји. 

Според дел од грчките медиуми амбасадорот Александридис бил информиран однапред за говорот и презел соодветни дипломатски чекори за тоа да не се случи.

Според други грчки медиуми, пак, Меланија можеби и изговорила „Македонија“, па потоа грчките дипломати стапиле во контакт со надлежните институции на САД за да реагираат и да обезбедат официјалните записи и идните комуникации да ја користат точната терминологија.

Но, ако се суди според реакцијата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, Меланија Трамп воопшто не изговорила „Македонија“ (инаку тој тоа би го потврдил) а за другата варијанта самиот смета дека е производ на фантазија и потреба од сензација.

– Го читав тој напис во медиумите кај нашиот јужен сосед. Претпоставувам дека се дипломатски извори. Зар некој може да верува дека говорот на првата дама на САД, пред таа да го каже во јавноста, оди на рецензија кај некој дипломатски претставник? Јас не верувам во тоа. Односно, ако тоа се случило, тогаш САД имаат сериозен проблем во безбедносниот протокол. А тоа што, претпоставувам, некој од дипломатите на некоја амбасада сакаат да бидат интересни, можеби за медиумите, па тоа го претставуваат како дипломатски успех, тоа е друга тема. Но, верувајте, од моето искуство, многу е тешко, да не речам, невозможно, некој надворешен да дојде до говорот на првата дама на САД, пред таа да ѝ го соопшти на јавноста. Така што, тие што го смислиле ова, мислам дека направиле неуспешна играна серија, рече Мицкоски.

Инаку Рози Мицкоска, сопругата на премиерот, престојуваше во Вашингтон во рамките на иницијативата „Fostering the Future Together“, фондација основана од Меланија Трамп – настан на кој учествувале претставници од рекордни 45 земји. Во рамките на глобалниот самит организиран бил настан посветен на улогата на вештачката интелигенција и образованието, при што Рози и Меланија имале куса средба. Првата дама на САД на настанот се појавила со модерен хуманоиден робот. Од видеата објавени на социјалните мрежи може да се слушне дека Рози и Меланија, која е Словенка, не зборувале на англиски јазик, туку на мешавина од македонски и словенечки.

Инаку Рози Мицкоска по професија е професорка по македонски јазик, предава во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Родена е во Струмица а во главниот град се преселила како студент во 1996 година. Рози и Христијан се заедно уште од студентските денови, а нивната љубов ја крунисаа со брак во 2005 година. Имаат два сина. Соседите на семејството Мицковски ја опишуваат како жена посветена на семејството која често може да се види во маркети во населбата Влае, каде што тие живеат и денес.

Останати вести