Првиот натпревар на домашен терен оваа сезона за жал заврши со пораз од младиот и надежен тим на Мелбурн Виктори. Гостите беа подобри во завршницата на акциите и ја остварија својата втора победа од исто толку натпревари.
За првиот гол се чекаше до 31 минута кога Марк Петериотис успеа практично од мртов агол да постигне гол, а за тоа помогна и што топката се одби од одбранбен играч на Престон Македонија. Голманот Метју Сајмс беше матиран кога топката доби необична траекторија и се одби од внатрешната статива од спротивната страна и влезе во голот.
Пред крај на првиот дел, Престон Македонија остана со играч помалку во 43 минута, кога беше исклучен Доминик Фолино после еден задоцнет старт. Многумина негодуваа но судиската одлука но црвениот картон беше експресно покажан и тимот остана со десет играчи на теренот. Очигледно ова не беше добра вечер за “лавовите” бидејќи имаа потешкотија да состават акција пред голот и имаше само еден вистински удар на голот во кој голманот на гостите требаше да интервенира.
Во второто полувреме, во 62 минута Џеси Хој успеја да одземе топка од одбраната на Престон и со прз напад со своите соиграчи со две проигрувања се најде пред голот за да ја затресе мрежата за 0:2.
Во подмладокот на Мелбурн Виктори забележавме тројца фудбалери со македонско потекло: Дамиен и Матју Божиновски и Кејн Размовски, што ќе имаат можност во иднина да се докажуваат за место во А–лигата.
Во петок, на 23 февруари, Престон Македонија ја пречекува екипата на Вестерн Јунајтед со почеток во 20:30 часот.