Преспанското езеро ем без вода, ем загадено

Земјата го губи едно од најстарите езера во Европа, кое од ден на ден станува сè повеќе како мочуриште

Освен намалениот водостој состојбата со Преспанското Езеро е загрижувачка и од аспект на неговата загаденост. Хидрбиолозите велат има големи количини на фосфор и азот во водата кои го загрозуваат живиот свет, а преку синџирот на исхрана стигнуваат до птиците и човекот.

Загадувањето е најчесто од прекумерната употреба на пестициди кое преку почвата и подземните води стигнуваат до езерото каде предизвикуваат зголемено цветање на алги и можност за појава на цијанофити – токсични алги.

Таквите високи концентрации на хемикалии  предизвикуваат бројни болести и кај човекот, предупредуваат од Институтот за јавно здравје.

Од секторот за животна средина од Ресен информираат дека направените анализи  на водата укажуваат на зголемено органско и нутриентно оптоварување, а посебно алармантна состојба е забележана во Претор, во близина на браната на Голема Река, која претставува и најголем потенцијален загадувач во литоралната зона, односно Преспанското Езеро во целина.

Од научната фела бараат анализите на  пестицидите во водата да се објавуваат јавно и  инспекцијата да биде поажурна во контролите какви хемикалии се користат и колку често се прска.

Интервенција час поскоро се бара и за загубата на вода од езерото кое од ден во ден се помалку го има.

До 2050-та ќе нема езеро

Ако површината на езерото некогаш била 284 квадратни километри, сега е само 259. Во текот на изминатите неколку децении нивото се намалило за цели 12 метри. Ова е јасно видливо во туристичката област Крани. Мора да се пешачи стотици метри низ езерото за да се достигне ниво доволно за пливање. Потребни се итни мерки, по примерот на Дојранското Езеро.

– Ако продолжи вака, сигурно ќе се исуши. Две недели бевме во Кавадарци и сега, кога стигнавме, нови 50 метри се исушиле. Нешто треба да се направи. Никој ништо не прави. Главната порака е да се преземе акција. Имаше и околу 1.000 пумпи инсталирани за наводнување на овоштарниците од езерото, тие треба да се отстранат, ќе биде подобро, вели еден жител на Преспа.

На преспанци им недостигаат убавите денови, кога илјадници туристи летуваа тука секое лето.

– Се сеќавам кога во 1986 година нивото на водата беше највисоко. Езерото стигна до ресторанот погоре. По должина, се повлекло 500-600 метри, додека по висина се повлекло околу 20 метри или повеќе. Не е како порано. Кога нивото на водата беше високо, беше поинаку. Сега има само грмушки и наноси дрвја, секоја година станува поплитко, кажува друг.

– …Имаше плажа долга 3 километри, во еден викенд имаше повеќе од 10.000 пливачи. Преспа е веќе мртва. Никој ништо не прави од властите. Тие го насочија вниманието повеќе кон Дојран и Охрид, рече трет преспанец.

Според анализата на професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, две години езерото губи по околу 50 сантиметри годишно во длабочина, или околу 125 милиони кубни метри вода. Овој септември нивото е за 55 сантиметри пониско отколку во истиот период минатата година. Според Трајковски, ако продолжи сегашниот тренд на намалување, може да се случи по 60 години 90% од неговата површина да се исуши и да останат само четири поголеми понори. Најголемата дупка ќе биде длабока 30 метри на влезот во Нивичкиот Залив во Грција. Другите четири би биле на територијата на Македонија со длабочина од 10 метри.

Останати вести