По триумфот над Вардар во Скопје, Престон Македонија одигра уште еден ревијален меч во Македонија, овојпат против Пелистер. Во пријателска атмосфера и фер игра „зелено-белите“ од Битола успеаја да извојуваат минимална победа од 1:0.
Дуелот се одигра на стадионот во Новаци, каде што првото полувреме мина без голови. Клучниот момент се случи во продолжението од натпреварот, кога судијата досуди пенал за Пелистер по игра со рака на еден од фудбалерите на Престон.
Бобан Здравевски ја презеде одговорноста и ја изведе најстрогата казна. Иако неговиот прв удар беше одбранет од голманот, топката повторно се најде пред него, па со вториот обид успешно погоди за конечни 1:0 и победа на домашниот тим.
Минатиот вторник Престон Македонија беше гостин на Вардар на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје каде славеше победа со 4:2.
Лавовите поведоа со 1:0, а Вардар изедначи на 1:1. Следуваа два гола на Престон за водство од 3:1. Вардар повторно се врати од пенал за 3:2, но во финалните минути на натпреварот, Престон Македонија го постави конечниот резултат 4:2. Стрелци на головите за “лавовите” беа Конор Бел 2, Гиан Албано и Џорџио Серденес.

