Пресуда за “Меѓународен сојуз“: Боки 13 доби нови 9 години затвор и го исфрлија од судница

Казна од девет години затвор доби Бојан Јовановски, познат како Боки 13 во случајот со “Меѓународен сојуз“, како обвиент за перење пари и измама на бизнисмените Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски од кои земал речиси еден милион евра. Според обвинението парите од проектите за наводни старечки домови завршиле во сега згаснатата „1ТВ“.

Кривичниот суд на Јасна Ерцеговиќ ѝ пресуди четири години затвор, Христина Блажевска доби една година, додека таткото на Боки 13, Миле Јовановски доби условна казна. Поранешната пратеничка Фросина Ременски е ослободена од обвинение, бидејќи немало доволно докази за нејзиното влијание врз бизнисмените.

Додека судијката Софче Ефремова Гаврилова го читаше образложението на пресудата, Боки 13 ѝ дофрлаше од место:

„…по интервенцијата на Зоран Заев, дофрли Јовановски.

– Без зборување!, реагираше судијката.

„…. и по негова интервенција за да ги лапнат парите“…, продолжи Јовановски.

– Тишина Бојан! Судот го прекинува обвинетиот Бојан Јовановски –

„Мене ќе ме судиш девет години. Најголемата хиена! Слуга на Зоран Заев! Оваа пресуда е доказ!“, викаше Јовановски.

– Да излезе од судиница!

– Доказ дека си слуга на Зоран Заев! Но, Господ казнува, не казнуваш ти!“, велеше Јовановски.

Од пресудата беше револтиран и неговиот татко.

– Македонија нема правда. Зоран Заев знаеше за активностите на „Меѓународен сојуз”, но сега и тој и другите се кријат и молчат. Само пипците уште му се останати. Слушнавме одмазднички пресуди, донесени без докази. Наместени онака како што нив им одговара. Така што нека не чекаат Македонците, Албанците и сите други што живеат во Македонија, нека не чекаат правда, правдата е умрена!, рече Миле Јовановски.

– Оваа судска пресуда не се заснова ни еден милиметар на докази коишто беа изведени во текот на постапката, туку е несреќен компромис помеѓу политика, а особено на личен анимозитет на судечкиот судија кон моите клиенти, особено кон обвинетиот Бојан Јовановски. Во овој конкретен случај нема никакво кривично дело, рече адвокатот Сашко Дуковски.

Фросина Ременски беше емотивна но задоволна по ослободителната пресуда.

Но обвинителката Ивана Трајчева најави дека за неа ќе ја обжали одлуката, а за другите казни ќе размисли.

Пресудата во Меѓунаредон сојуз е втора за Боки 13. Тој веќе е осуден на други девет години затвор во случајот „Рекет“, заедно со екс – шефицата на СЈО Катица Јанева за рекетирани 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев.

Останати вести