Министерството за економија во 2012 година не издало лиценца за објектот каде што се случил пожарот, туку за друг објект на сосема друга локација во Кочани и тоа пред 13 години. Ова го истакнаа адвокатите на обвинетиот екс-министер Ваљон Сараќини во кој беше напоменато дека самото Министерство тогаш побарало од Инспекторатот да изврши увид дали ги исполнува условите за добивање лиценца за објектот во Кочани, а кој е сосема различен од оној во кој се случи пожарот.
– Во 2012 година во Министерството за економија врз основа на барања издадена е лиценца за вршење на угостителска дејност кабаре за локација на улица „Димитар Влахов“ без број Кочани, што е сосема различна локација од објектот каде се случил кривично-правниот настан во 2025 година, а тоа е улица „Крижевска“ во Кочани. Пожарот се случил во објект со кој стопанисувал друг правен субјект од оној кој барал лиценца во 2012 година. Јавното обвинителство во својот воведен говор ја избегна оваа вистина. Ова е клучна околност. Тоа покажува дека обвинението не почива на вистина, туку на конструкција, рече во воведните зборови адвокатот Даниел Георгијевски, бранител на обвинетиот Сараќини.
– Втора конструкција на ЈО е игнорирањето на фактот дека надлежноста на министерот е сведена на формална постапка регулирана со Законот за угостителска дејност. Министерството нема право да одбие да даде лиценца ако сите документи што ги навел законот се приложени. И како е можно тогашниот министер, кој издава лиценца со рок на важност од една година да гарантира и да одговара за друг објект 13 години подоцна, во време кога објектот воопшто нема активна лиценца? Од оваа апусрдност може да се извлечат многу паралели, но сериозноста на случајот не ми дозволува да го направам тоа, додаде бранителот Георгијевски.
И Еленко Миланов, бранител на екс-министер за економија Крешник Бектеши (исто така обвинет за „Пулс“), наведе дека лиценците не ги потпишал министерот, туку е употребен негов факсимил, а дури и за последната лиценца тој не бил во државава.
– Овластувања за користење на факсимил постојат уредно предвидени согласно законски одредби и посочени конкретни лица кои во одреден период имале овластување да го користат тој факсимил, изјави Еленко Миланов, адвокат.
Издавањето лиценца е предмет на нови постапки и процедура која се повторува независно секоја година. Дозволата издадена во 2012 година одамна престанала да важи и секоја нова лиценца била предмет на нова постапка.
И ЈО е независен орган, зошто не се ставиле себеси во обвинението!?
Адвокатот Петре Шилегов кој го брани обвинетиот државен службеник од Економија, Шефкет Хазари, го запраша обвинителот Борче Јанев зошто меѓу обвинетите нема актуели министри и директори, туку поранешни.
– Зошто не се опфатени сите од Економија што учествувале во постапката за издавање на лиценци, многу едноставно не се вклопуваат во конструкцијата? Дури и еве да го прифатиме ваквото толкување на каузалитет, ако ни тврдите дека постоел јавашлук, тогаш што правевте вие 13 години во Кочани? По закон за Јавно обвинителство вие сте независен орган, па ако ја прифатиме вашата теорија тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвиненеито, му се обрати Шилегов на обвинителот по што судијката мораше да ја смирува ситуацијата.
Клучно за одбраната е што обвинетите службеници од Министерството за економија немале обврска физички да одат и да проверуваат дали кабарето ги исполнило условите, за кои пак во Барањето за лиценца сопственикот приложувал документи. Тоа било работа на пазарниот инспектор, вели одбраната на овие обвинети.
– Нејасно е како Хазари предизвикал пожар или придонел да се случи, видовме како настанал пожарот, дел од тие лица се починати. Не може потпис да е предизвикувач на пожар. Другото дело кое му се става на товар е соизвршителство, одбраната ќе покаже дека ова е глупост од обвинение бидејќи нема докази дека Харази однел, внел, запалил материјали за да биде соизвршител. Како тој помогнал некој да ја запали дискотеката?, кажа адвокатот Шилегов.
По него воведен збор имаше адвокатот на поранешниот службеник во Економија, обвинетиот Зоран Николовски. Еленко Миланов запраша како е можно за неговата колешка Лилјана Илиевска со која заедно го контролирале барањето за лиценца на „Пулс“ да е запрена истрагата, а Николовски да е обвинет?!
Со истите аргументи во постапката се бранат и обвинетите Беким Хаџиу и Арлинда Касапи. Нивната работа е управна постапка без право на увид во објектот, значи административна, а не инспекциска.
ДЗС има надлежност само за новоградби, а не и за контрола на порано изградени објекти
Одбраната на обвинетите поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС): Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами во своите воведни говори исто така го оспорија обвинението и негираат вина за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Актуелниот министер без ресор Шабан Салиу (кој бил на чело на ДЗС во периодот 2008-2017) тврди дека во периодот од 2012 до 2017 година никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабаре „Пулс“, ниту пријава од правно или физички лица за објектот.
– Во ДЗС никогаш не сме биле известени за дискотеката „Пулс“. А ДЗС не е детективска служба да открива, пронаоѓа нелегални објекти, дивоградби, нерегистрирани согласно законите кои можеби низ селата и градовите на нашата држава ги има во поголем број, а надлежноста е на други органи и институции. Отприлика, според некои мои информации ги има околу 100.000 во нашата држава, рече Салиу.
Контролите ги прават пазарните инспектори, а републичкиот јавен обвинител веќе кажа дека досегашните директори на Државниот пазарен инспекторат немаат вина, виновни се инспекторите зашто се независни органи овластени од државата.
– Обвинението е изградено врз претпоставки „можел да знае“, „требало да знае“, „можеби имал обврска“ и слично. Јас сум обвинет за евентуална умисла дека уште во 2012 година па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова за волја на вистината не може ни Баба Ванѓа да станела од гроб да го предвиди, а камо ли јас како обичен човек, рече Салиу.
„Јас единствен барав да не му се издава лиценца на „Пулс“, а сега сум обвинет
Меѓу обвинетите се и тројца поранешни градоначалници на Кочани. Ратко Димировски, поранешен пратеник и градоначалник на Кочани во периодот 2008-2017 побара судот да ја исправи неправдата и да го ослободи оти е единствениот во државата кој пред 13 години побрал да не му се издава лиценца за дискотека на „Пулс“. Објасни дека не дозволил „Пулс“ да ги користи за паркинг двете локации што биле на 250 метри од објектот и веднаш побарал да не му се издаде лиценца, барање на кое никогаш не добил одговор.
– Изненаден сум, никогаш не сум можел да замислам дека ќе застанам на обвинителна клупа за такво нешто, а само јас сум бил тој што е против тоа пред 13 години, рече Димитровски, и нагласи дека друго барање од „Пулс“ до него не стигнало.
Дека чесно си ја извршувале работата и не направиле никакви пропусти, кажаа и тројцата општински градежни инспектори обвинети за трагедијата во „Пулс“, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков и Николчо Гоцев.
– Барам повеќе да не се става во контекст зборот „пренамена“ во врска со овој објект, затоа што веќе не знам колку пати кажавме и докажавме дека тука не постои пренамена, туку дека имало промена на дејноста, за која градежната инспекција нема никакви ингеренции. Градежната инспекција може да затвори градилиште, а стопански објект – не, рече инспекторот Георгиев во својот воведен збор на судењето за пожарот во Кочани.
– Барам обвинителите да ми посочат кој закон конкретно сум го прекршил во мојата работа, со што сум јас одговорен за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Суштината на нашата одговорност е во нашите законски обврски. ЈО досега не ни ги лоцираше нам, на обвинетите, кои законски обврски сме ги пропуштиле, а поради кои настана пожарот. Повикувањето на законски обврски на толку различни структури по дејност, не само што е несериозно, туку се коси со принципот на законитост на кривичното право. Должност на обвинителот е да укаже и да докаже кои се моите пропусти или непреземање на мерки, рече градежниот инспектор Огњен Георгиев.
Како градежен инспектор никогаш немал наредби за контрола на дискотеката.
– Никогаш не сум бил во објектот, ниту бил во моја надлежност. Наведените правни изрази како „трајно кривично дело“, „соизвршителство“, „умисла“, „небрежност“ за мене не се во ред. Барам од Јавното обвинителство да го преиспита обвинението и јас и моите колеги да бидеме ослободени, рече Георгиев.
Продолжува судењето за трагедијата во која загинаа 63 лица а над 200 беа повредени се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Процесот го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.

Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи иако се соочуваат со сериозни обвиненија за последиците од настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
Се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката „Пулс“ постоела. А работела и постоела цели 13 години. Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, еднакво е важно јавниот дискурс да биде чувствителен кон жртвите и семејствата што минуваат низ долготрајна траума. Гласот на родителите, семејствата и на сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието, рече тој.
И Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, реагира на однесувањето на обвинетите на рочиштата.
Шеесет и три убиени деца. 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се наоѓаат во судницата, изјави Златкова.
Двајцата додаваат дека имаат легитимни очекувања оти институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање. Семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја одрази тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека животот на секој граѓанин е вредност што мора да биде заштитена.