Украина – Македонија 2:0
Македонската фудбалска репрезентација ги сведе на теорија шансите за пласман на ЕУРО2024, откако во саботата загуби од Украина со 2:0 (1:0) на неутрален терен, во Прага, во рамки на 6. коло во квалификациската група Ц.

Головите на Георги Судаков во 30 минута и Олександр Каравајев во петтата минута од судиското продолжение придонесоа македонските фудбалери да го претрпат третиот пораз во квалификациите и да останат на четвртото место во квалификациската група со седум бодови, три помалку од Украина и Италија која на домашен терен славеше со 4:0 против Малта. Прво и второпласираните Англија и Италија, инаку, имаат меч помалку.
Македонската репрезентација резервирано го почна дуелот на „Епет Арена“ препуштајќи им ја иницијативата на украинските фудбалери, кои по шансите на Артем Довбјук и Михајло Мудрик, дојдоа во водство по половина час игра, кога ударот на Судаков се одби од телото на Серафимов и заврши во голот.
Примениот гол ги разбуди македонските фудбалери, кои во завршните десет минути од првото полувреме тргнаа поагресивно кон украинскиот гол и не реализираа неколку изгледни шанси за израмнување преку Бојан Миовски, Стефан Ашковски и капитенот Енис Барди.
Македонските фудбалери во ист ритам влегоа во второто полувреме, а најизгледната шанса дојде во 53 минута кога ударот на Дарко Чурлинов на чудесен начин го одбрани Анатолиј Трубин.
На спротивната страна македонскиот голман Столе Димитриевски во неколку наврати со одлични интервенции ја зачува својата мрежа. Украинците во два наврати погодија пречка (втората по одличната одбрана на Димитриевски) но беше немоќен да го спречи Каравајев длабоко во судиското продолжение да стави печат на украинскиот триумф. Украинскиот фудбалер виде дека македонскиот голман е истрчан па едноставно и итро пласираше во небранетата мрежа.
Македонската репрезентација во вторник во Струмица ја пречекува Ерменија во пријателски натпревар, а евроквалификациите ќе ги заокружи идниот месец против Италија во Рим на 17 ноември и против Англија во Скопје на 20 ноември.
Милевски: Кога не ги користите шансите, поразот е неминовен
Селекторот на македонската сениорска фудбалска репрезентација Благоја Милевски жали што не успеавме да оствариме подобар резултат во Прага.
Честитки за двете репрезентации, верувам сите уживаа во фудбалот кој го гледаа. Честитки за Украина за победата, но горд сум на моите момци. Реакцијата по примениот гол беше одлична, на почетокот на вториот дел направивме измени. Успеавме да се наметнеме, меѓутоа не успеавме да дојдеме до гол и, кога нема да ги искористиш шансите, поразот е неминовен.
Секогаш кога започнувате натпревар имате повеќе планови. Примивме несреќен гол, по кој спонтано реагиравме и не можам да не бидам задоволен. Направивме неколку одлични шанси. разочаран сум само од резултатот. Моравме да се отвориме во продолжението и Украина имаше повеќе простор да нападне па доби повеќе шанси. Нема каква фудбалска поука да извлечеме од овој дуел, бидејќи одигравме солидно. Останува да се надигруваме до крајот на циклусот, изјави Милевски.
