Пропадна планот за забрзано членство во ЕУ на Украина, Македонија… до 2027 година

Европската комисија минатата седмица на посебен состанок им претстави на земјите-членки на Европската унија низа идеи за тоа како да се пристапи кон членството на идните држави во европскиот блок, објави Радио Слободна Европа – РСЕ.
Првото сценарио е таканаречениот статус-кво. Тоа подразбира задржување на постојните правила и членство во ЕУ врз основа на заслуги.
Второто сценарио, според идеите од кабинетот на претседателката на Европската комисија, би подразбирало систематска и постепена интеграција. Во оваа опција се споменуваат таканаречени нови интеграциски пакети, како што се единствениот пазар или заедничката надворешна и безбедносна политика.
Третото сценарио во жаргон се нарекува „обратно членство“ или, како што некои европски претставници сакаат пооптимистички да го нарекуваат, „постепено членство“. Оваа опција предвидува две фази за идните членки на ЕУ: првата вклучува членство и интеграција во одделни политики, додека втората фаза би опфатила постепено проширување на правата и обврските на таа членка.
Како што за РСЕ пренеле извори, идејата за обратно или постепено членство веднаш наишла на одбивање од мнозинството земји-членки на ЕУ. Ставени се „под мраз“.
Изворите на РСЕ наведуваат дека некои земји не ја отфрлиле веднаш втората опција, сугерирајќи дека би биле подготвени на идните членки на ЕУ да им овозможат пристап до одредени водечки проекти, како што се енергетиката или европскиот систем за плаќања во евра (СЕПА).
Откако американски претставници неофицијално навестиле дека забрзан прием на Украина би можел да биде дел од пакетот за прекин на војната, во бриселските кулоари започнала расправа за тоа како да се забрза процесот на членство на Киев дури и ако земјата не ги исполнила сите критериуми. Зеленски смета дека токму таква гаранција е неопходна за да им се „продаде“ евентуалниот мировен договор на украинските граѓани, особено ако Украина не ја врати целосната територијална контрола или не стане членка на НАТО.
Но во Брисел и во главните европски престолнини владее поинаква логика.
Црна Гора е најизвесната следна членка на ЕУ
Претставените идеи имаат големо влијание и на земјите од Западен Балкан, од кои некои веќе се далеку во процесот на членство. Меѓу нив, Црна Гора предничи бидејќи се наоѓа во завршна фаза од преговорите за членство.
Доколку „обратното проширување“ беше прифатено, тоа немаше да се однесува само на Украина. Би ги опфатило и државите од Западен Балкан, кои што со години се во преговори или во чекалницата на европските институции. Токму тука лежи суштинскиот проблем. Ако Украина добие забрзан третман од геополитички причини, како ќе се оправда тоа пред земјите од Западен Балкан, кои со децении ги исполнуваат условите, често под болни политички и економски реформи. Таков нов тежок преседан би можел да биде крај за довербата во целиот пристапен механизам.
Сепак клучен елемент кај овие идеи е укинување на правото на вето што го има секоја постојна членка на ЕУ. Бирократите во Брисел сакаат да се заштитат од евентуално внесување на „нова Унгарија“ во ЕУ. Имено Будимпешта во повеќе наврати истапуваше самостојно, со ставање вето на фондови и политики на Брисел за Украина.
А пред неколку дена претседателите на Србија (Вучиќ) и на Албанија (Рама) во заеднички текст за германскиот весник „ФАЦ“ изразија подготвеност да се откажат од полноправно членство во првата фаза и предложија земјите кандидати најпрво да добијат пристап до европскиот единствен пазар и Шенген-зоната.

Останати вести