Откако прво премиерот Христијан Мицкоски објави дека прославата на 35-годишнината од независноста „не ги чинеше граѓаните ниту денар“, на посебна прес-конференција беше прецизирано: за сите настани што се одржуваа во изминатите 30-ина денови исплатени се 340 милиони денари (околу 5.53 милиони евра или A$8.96 милиони) од кои 300 милиони денари се спонзорство на државното претпријатие „Лотарија“ а 40 милиони од други компании; организатор на сите настани всушност не е фирмата „Авалон“ туку фирма-ќерка „Стардаст“ (фирмата на познатиот менаџер Бобан Милошевски е блокирана од УЈП, а другата фирма е на име на неговата ќерка); тие 300 милиони денари се нераспределена добивка на „Лотарија“ за 2024 а Владата наредила да се потрошат за оваа намена.
Значи фирмата е државна, парите се на фирмата а Владата е на Мицкоски… Тогаш чии се парите?
На 30 април бил објавен повик за спонзорирани настани по повод 35-годишнината од независноста. Меѓу условите поставени биле и следните: да се обезбеди изведувач од А-листата кој ќе собере најмалку 30.000 публика на скопскиот стадион, да се обезбеди изведувач од А-листата кој би настапил со ол-стар пејачи од Македонија. Менаџерот Бобан Милошевски ги обезбедил ди-џејот од Франција, Давид Гета и оперскиот пејач од Шпанија, Хозе Карерас.
Портпаролот на Владата, Марија Митева нагласи дека парите се од добивката на државното акционерско друштво и оти не станува збор за средства кои директно биле повлечени од државниот Буџет за финансирање на прославата. Директорот, пак, на „Државна лотарија“, Александар Климовски дополнително објаснуваше зошто парите не се буџетски: Владата, како единствен газда на „Лотарија“, им наложила 300 милиони денари нераспределена добивка од 2024 да ја дадат за прославата, а тие, како што потенцираше, немале опција да го одбијат таквото барање.
– Нераспределената добивка се компаниски пари, а буџетски стануваат кога управните органи ќе дадат налог да се уплатат во Буџетот. Но додека лежат на наша сметка се корпоративни пари, рече Климовски.
Тој не објасни зошто добивката за 2024 година уште лани не била уплатена во Буџетот ами се чува на сметка на „Лотарија“. Испадна дека „Лотарија“ е најзлатната кокошка на Владата: Артан Груби и Прпарим Бајрами ги судат зашто во 2023 направиле штета од над 9 милиона евра, истата државна фирма пред месец и половина даде позамица на ЈП за патишта, а да ти имало уште 5 милиона нераспределена добивка… веројатно има нераспределена добивка и за 2025?!
20 Sep 2026
20 Sep 2026