Протерувањето на рускиот свештеник е порака МПЦ-ОА да се определи – дали е за Москва или Цариград?

Прогласувањето за „непожелна личност“ во Македонија на пратеникот на Руската православна црква со служба во Софија, архимандрит Васијан Змеев, се толкува како „жолт картон“ до Синодот на МПЦ-ОА поради преголемата блискост со РПЦ и СПЦ (наспроти блокот грчки цркви предводен од Вселенската патријаршија). Несомнено таа словенска блискост потекнува оттаму што МПЦ доби признавање на автокефалноста од СПЦ и РПЦ, за разлика од Вселенската патријаршија која се уште тактизира. Словенските цркви ја признаа под името „Македонска“ додека грчкиот блок се обраќа само како на „Охридска архиепископија“.

Неодамна и македонскиот претседател Стево Пендаровски забележа дека „во Синодот на МПЦ-ОА делуваат руски елементи“. Зачестеното присуство на архимандрит Змеев во Македонија, честите средби со дел од македонските владици, и поменот за душите на руските војници во Украина во дел од македонските цркви, само ги подгреа овие претпоставки.

Спојувањето на забраната за влез на рускиот свештеник Васијан Змеев во Македонија, заедно со протерувањето на тројца дипломати од Руската амбасада во Скопје се толкува како директна порака од САД до МПЦ-ОА за овој нивен тренд. Како еден вид предупредување до Светиот синод да внимава каков геостратешки курс зазема. Тука се испраќа и потсетувањето дека томосот за автокефалноста на МПЦ-ОА сè уште не е добиен и за тоа се чека на одлуката само на Вселенската патријаршија.

По овој повод од Светиот синод на МПЦ-ОА рекоа дека со резерва гледаат на информациите во јавноста во врска со случајот со рускиот свештеник, па тие не планираат вонредно да заседаваат. Ако се отвори ова прашање, за него ќе биде разговарано на редовната седница на Синодот закажана кон крајот на месецов.

Архимандрит Васијан Змеев веќе пет и пол години престојува во Софија. Бил назначен за претставник во подворјето на Руската православна црква во Софија, со решение на Синодот од 7-ми март 2018 година. Во овој период Змеев често пати престојувал и во Македонија. Рускиот црковен претставник на Московската патријаршија имал зачестени средби со архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. Тој ја има улогата на координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.

Во Бугарија веќе се води жестока дебата за тоа зошто Софија молчи за активностите на архимандритот на нивна територија.

Останати вести