Протести се шират низ Австралија

Викендот во Австралија го одбележуваат масовни протести против задолжителната вакцинација. Илјадници луѓе повторно се собраа во речиси сите поголеми градови на континентот, а епицентарот беше на „Митинзите на слободата“ во Мелбурн и Сиднеј.

Покрај двата најголеми града, значителен број луѓе излегоа и во Бризбен, Перт, Аделаид и Хобарт за да го изразат своето несогласување со политиката што ја водат владите на државите и териториите. Митинзите почнаа во саботата на пладне, со масовни собирања на граѓаните, кои во повеќето градови траеја над четири часа. 

Најмасовниот собир е забележан во Мелбурн, каде реки од народ најпрвин течеа пред Парламентот на Викторија.

Над дваесет илјади луѓе демонстрираа против контроверзниот предлог-закон за пандемијата, како и против задолжителната вакцинација и рестриктивните мерки.

Забележано е значително присуство на полицијата на улиците во Мелбурн, а подготвен беше и специјален одред за разбивање на нередите.

„Го почитуваме правото на луѓето на мирни протести, доколку тие не влијаат на остатокот од заедницата. Нема да толерираме некој кој го прекршува законот или е насилен или се однесува асоцијално“ – се вели во соопштението на полицијата на Викторија.

Снимките од воздух покажаа дека на антивладиниот протест присуствувале многу луѓе, додека организаторите тврдат дека на улиците на Мелбурн се собрале околу 450.000 граѓани.

Меѓутоа, полицијата на Викторија, како и владини претставници во другите држави, не дадоа конкретни и соодветни податоци за бројот на луѓе собрани на протестите.

Во исто време, десетици илјади демонстранти против блокадата и вакцинацијата се собраа и во Хајд парк во Сиднеј и маршираа низ улиците во центарот на градот. Дел од граѓаните шетаа со бебиња во рацете, во знак на протест против вакцинирањето на децата.

Организаторите на митингот во Сиднеј тврдат дека на протестите присуствувале над 100.000 демонстранти. Меѓутоа, полицијата на Нов Јужен Велс подоцна го оспори тоа тврдење, проценувајќи дека имало само 10.000.

При тоа, над 600 полицајци во Сиднеј го обезбедуваа протестот, кој  беше мирен, така што никој не беше уапсен.

Во Ботаничката градина во Бризбејн, рударскиот магнат и лидер на политичката партија Обединета Австралија, Клајв Палмер им се обрати на граѓаните, кои ги имаше повеќе од илјада. Тој го прозва прајминистерот Скот Морисон, нарекувајќи го „лажго кој не превзема ншто за да се сопре присилувањето на компаниите да воведат задолжителна вакцинација“.

„Тој од една страна ги турка бизнисите да воведат задолжителна вакцинација, а тука вели дека луѓето треба да имаат право на избор. А како може некој да бира ако, на пример, има пет деца и отплатува станбен кредит“ – се запраша Палмер.

Насобраните граѓани носеа транспаренти и маици со натписи против вакцинацијата, а се слушаа и погрдни скандирања против премиерката на Квинсленд, Анастасија Палашчук.

И во Бризбејн во исто време се одржа контра-митинг на „проваксери“, но за среќа немаше суди на демонстрантите.

 Протестите организирани во градовите на Австралија се дел од меѓународниот „Светски ден на протести за слобода“, кои се одржаа во над 100 градови ширум планетата.

Демонстрациите во Мелбурн се одржуваат веќе четири недели поради контроверзниот закон за јавно здравје, кој владата на Викторија за сега неуспешно се обидува да го протурка во Парламентот.

Останати вести