Пругата кон Бугарија треба да заврши во тунел а километарќе чини до А$38.5 милиони

Новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски уште еднаш ја возбуди јавноста со барањето Јавното обвинителство да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра (А$38.5 милиони) за еден километар. Згора на ова ревизорите за ланската година откриле дека се платени 4.6 милиони евра провизија поради доцнење со проектите (не биле повлечени парите од резервираните транши). Згора на ова сега „висат“ тие 60,7 милиони евра од ИПА грантот со идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата.

Планирана уште пред 150 години, пругата кон Бугарија треба да стане предмет на истрага на Обвинителството, смета новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски.

– Јавното обвинителство треба да утврди зошто Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП) без објаснување и анализа ја зголемило проценетата вредност за над 200 милиони евра. Имено деновиве истече рокот за поднесување на понуди за тендерот – трета фаза од пругата која би била долга 23.4 километри – што сега е проектирано да чини 560 милиони евра, односно за цели 220 милиони евра повеќе од претходно испроектирано, информираше новиот министер.

Тој обвинува дека претходната власт го темпирала огласот за јавната набавка за, како што вели, најскапата пруга во светот, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви измени.

Станува збор за делницата од 23.4 километри од третата фаза од Коридорот 8 која треба да минува од Крива Паланка до Бугарија. Според пресметките на Николовски, ако се реализира овој тендер еден километар железничка пруга ќе чини 24 милиони евра, со што како што вели, ќе стане најскапата железничка пруга во светот што овозможува транзит на возови со брзина од 60 до 80 километри на час.

– Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка. Ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население и, најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел. Ние можеме да го изградиме само до границата со Бугарија. Од другата страна треба тие да ископаат, вели Николовски.

А од Бугарија досега нема направено ни проект за железничко поврзување со Македонија на таков начин на кој што е направен македонскиот план.

Николовски додава дека оваа пруга треба да се изгради, но прашање е дали по оваа цена и со тунел кој не води никаде.

Пругата кон Бугарија желба стара век и половина

Железничката линија Скопје – Ќустендил – Софија била проектирана уште во 1869 година од еврејскиот бизнисмен, баронот Мориц фон Хирш, кој ја финасирал изградбата на железничката инфраструктура на Балканот.
Градбата на железничката инфаструктура (во првата и втората фаза) во Македонија се започнати уште во 1996 година. Тие речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се градат скоро три децении. Нема висок функционер кој досега не се сликал со камен темелник на пругата и ветил дека само што не биднала. Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од македонскиот тогашен министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 според договореното од Крива Паланка до Деве Баир требаше да биде готова до 2025 година.

Останати вести