ПСЖ го подарува Неимар на Барселона, и тоа со чеиз?!

Барселона и ПСЖ наводно го договориле трансферот на бразилскиот интернационалец Неимар кој по пауза од шест години повторно ќе престојува на „Ноу Камп“. Ваквата сензационална вест беше објавена од катарскиот медиум „BeIn Sports“, а трансферот би можел да биде доста неверојатен бидејќи ПСЖ ќе треба да го исплати поголемиот дел од платите на Неимар.
Тоа веројатно би значело дека 31-годишниот офанзивец ќе замине на позајмица во својот поранешен клуб, кој во 2017 година го продаде на ПСЖ за се уште рекордни 222 милиони евра.
Наводно, Барселона побарала од ПСЖ да му исплати дури 70 отсто од платата на бразилскиот фудбалер, која во редовите на францускиот шампион изнесува нешто повеќе од 56 милиони евра годишно.
ПСЖ очигледно на сите начини се обидува да се ослободи од крилниот напаѓач, а навивачите на популраните „светци“ се тие кои бараат по секоја цена да биде продаден Бразилецот.
Неимар доби неколку богати понуди од Саудиска Арабија, но тој нема намера да замине од Европа затоа што сака и понатаму да игра фудбал на високо ниво.
Бразилецот во изминатите шест години одигра 173 натпревари во дресот на францускиот гигант и има учинок од 118 гола и 77 асистенции.
Само за потсетување, Неимар четири години го носеше дресот на Барселона. Тој се пресели на „Ноу Камп“ откако Сантос го прифати понуденото обештетување од 88 милиони евра, а на одиграните 186 натпревари постигна 105 погодоци и запиша 76 асистенции.

Останати вести