Осамостојувањето на Македонија во 1991 година го дочекавме со голема возбуда и радост. Што мислевте тогаш, каде ќе биде и каква држава ќе биде Македонија по триесет и пет години?
– Како и сите Македонци живеев со идеалите дека ќе градиме држава на здрави темели и ќе го продолжиме патот на нашите предци. Меѓутоа, несоодветната селекција на кадри, посебно на клучните места, придонесе за миг да се раслојат големите комбинати и илјадници работници да останат на улица. Денес можеме да говориме за заблудите и за лoшите кадровски решенија од страна на челниците на политичките партии. Во едноумието за да добиеш решение за работа, требаше да поминеш една година како приправник. Дури по полагањето на приправничкиот испит можеше да се добие решение за редовно вработување. А, ние што направивме: избиравме премиери и министри, на кои тоа им беше прво вработување. Го прифативме непишаното правило: да следиме неоформени млади луѓе кои раководеа со државата, без никакво искуство ниту во политиката, ниту во економијата, а уште помалку во надворешната политика. Тој тренд (со одредени исклучоци) го продолживме и во новиот мелиениум, главно со негативна селекција на кадри, која за жал се прошири скоро во сите институции.
А сега, како да загубивте од својот тогашен оптимизам. Во вашите стихови сè почесто има песимистички очекувања, предупредувачки пораки. Тоа си доаѓа со искуството и со годините или, како на ангажиран писател, тоа се куси досетливи мини анализи на состојбите кои ги набљудувате со една поетска слобода во мислата?
– Авторот никогаш не треба да живее во стаклено ѕвоно. Тој треба да биде буден чувар на својот дух и да го чувствува пулсот на времето. Во моите песни навева чувството на загроза или како што констатира критиката, тие се пресликана реалност на дел од македонските духовни состојби и премрежиња.
Карактеристична е вашата последна промоција која, патем, помина со голем одглас во медиумите и со присуство на бројни ваши колеги, но не и само колеги, туку и луѓе од сите сфери на културата, се разбира и од други категории на граѓани и читатели. Станува збор за книгата „Туѓинец во својата земја“. Се чувствувате ли како туѓинец и од кога, ако одговорот е потврден?
– Насловот на мојата нова книга го отсликува нашето време, во кое владее оттуѓеност, разочарување, апатија и безизлезност од катадневните состојби. Па, како би можел аторот да се чувствува кога некои натрапници присилно го менуваат името на Татковината? И, за жал се гордеат со таа заблуда, велејќи дека тоа го посакал македонскиот народ. Но, лудоста и глупоста се безгранични, па тие бездарници сакаат поразот да го прогласат за победа.
На кој слеп колосек е Татковината, да се послужам со Ваш стих во прашањето?
– Подолго време сме оставени на слеп колосек, а секој ден не бомбардираат некадарни луѓе, дека треба да се откажеме од самите себе, од она што се градело и се создавало со векови. За жал и за голема несреќа, многумина посакуваат да го раскинат македонското ткиво и бездушно да не натераат да признаеме дека сме вчерашни. Меѓутоа, ако на некои политичари им се брза и секој ден повторуваат исти излитени флоскули, на македонскиот народ не му се брза. Тој го чувствува пулсот на времето, та затоа веќе не им верува на политичарите.
Земја е на многу нешта, земја е на идеали, велите во стиховите. Ама да не загубивте од идеалите?
– За Македонците идеалите биле мотив за опстанок и во турско и во српско и во бугарско ропство. Нашите предци треба да ги славиме, зашто живееле со идеали и опстојувале на овие древни простори. Ние, во време на етаблирани институции, на самостојна држава живееме со одредени заблуди, често коленичејќи пред белосветски натрапници, кои ни кажуваат како да живееме, но без да почувствуваат колку се болни нивните пораки.
Па уште и ќе кажете дека имаме море несолено и што уште не, ама дека можеме и без народ да останеме. До таму ли дојдоа работите?
– На ова Ваше прашање ќе одговорам со стиховите од песната „Лажно време“ напишана во раните деведесетти години од минатиот век: Си имаме море несолено/Си имаме многу татковини/Се си имаме/А утре можеби народ ќе немаме.
Пораките од оваа песна можеби се предупредувачки, а можеби и пророчки. Но, говорат
за една реалност, која се случува во последниве децении. Треба да прошетаме низ
Мариово, низ демирхисарските села, во славна Дебарца, во Поречието, струшки Дримкол, Малесија, Малешевијата и во целата Источна Македонија и треба да се молиме на Господа за нов живот и детски џагор.
Тогаш, што може да се стори ако самиот велите дека живееме во круг од идеали и заблуди?
– Навистина подолго време живееме во круг од идеали и заблуди. И во време кога треба да се будиме со надеж за нов живот, ние западнавме во декаденција. Тоа е опасен процес што треба да запре оти води кон бездна, од каде што враќање нема.
Како што веќе се обидов да констатирам преку едно од претходните прашања, дека помалку оптимизам има во вашите пораки преку песните, што ни кажува огледалото, кога молкот е огледало, како што напишавте?
– Песните се еден вид предупреда на она што не опкружува и што се случува.
Тие укажуваат на молкот што завладеа кај многу личности и институции. Нашата рамнодушност е најубаво прибежиште за наконтени челници, кои зборуваат во името на народот, но со нивните постапки често го потценуваат и презираат. Во тој магичен круг главно се движат во еден правец и постојано повторуваат, дека јазикот е заштитен, а идентитетот бетониран. Тоа говори дека тие не веруваат (или не сакаат да веруваат) во се што е создадено на македонски јазик, но и дека воопшто не се дружат со книгите на македонски јазик. Кога ги слушам нивните пораки, често помислувам како да се мануелни работници, а не одговорни луѓе кои треба да живеат со вредностите на се што е напишано на македонски јазик.
Кои се најкрупните две-три грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години?
– Од многуте крупни грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години, навистина е многу тешко да издвоиме само две до три. Но, сепак ќе посочам три грешки, кои ја обезличија македонската држава. Првата грешка е лошата приватизација, која поради брзоплетоста, неукоста и алчноста на одредени слоеви, остави илјадници луѓе без работа, без основна егзистенција. Пустошот што го направи приватизацијата денес е видлив во сите села и градови на нашава држава. Втората и непростлива грешка е промената на името на државата, а третата, според мене, е лекоумно прифатениот договор за божемно „добрососедство“ со нашиот источен сосед. Но, лудилото е безгранично, па така неуспешниот референдум го прогласија за успешен, а со потпишувањето на „братскиот договор“ се обременивме со многу грижи и, како што мудро вели народот, влетавме како волови во слама. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки луѓе и постојано да повторуваат дека сè е бетонирано, како божем да се дојдени од друга планета.
Но, древни се корените македонски…
Фиданка Танаскова