Ракометарките изгореа во желбата – Исланд го згасна сонот наречен мундијалско четвртфинале

Кадетската репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во четвртфиналето од СП за ракометарки до 18 години, кое се одржа во Скопје, откако го загуби клучниот дуел против Исланд со резултат 22:25. Нашите ракометарки се чини изгореа во преголемата желба, одиграа послабо отколку на претходните мечеви, му дозволија на противникот да го диктира резултатот и да стигне до триумф со кој го освои првото место во групата, правајќи им услуга на Швеѓанките, а испраќајќи ја Македонија во борбата од деветтото до 16. место на овој шампионат.

Натпреварот го почнавме со многу нервоза поради големиот влог, а Исланд го искористи тоа за да води со 10:13 по првото полувреме од мечот.

Почетокот од второто полувреме донесе и нови проблеми, пред се во нападот, не реализиравме пенал и зицер, а Исланд се врати на „плус четири“ (15:11), а веќе во следниот напад од пенал поведе и со 16:11. Токму во тие моменти Македонија конечно се разбуди и со серија од три гола се врати на 16:14. Нашите млади ракометарки се наполнија со самодоверба, па со пеналот на Ризовска дојдоа и до само еден гол негатива (19:18). Исланд погоди кога беше најважно, Јохансдотир биеше прецизно под опасност од пасивен напад.

Савевски побара тајмаут при 20:18, Македонија веднаш постигна гол, но нашата селекција потоа не реализираше и напад за израмнување. Среќата го сврте грбот на „црвено-жолтите“, по неколкуте греди во првиот дел повторно беше затресена само рамката од исландскиот гол. Противничките знаеја како да го искористат малиот пад во концентрацијата, поведувајќи со 23:19. Исланд имаше 24:20, но Македонија се врати откако противничките останаа со две ракометарки помалку на терен. При 24:22 имавме уште една одлична шанса за гол, но Коловска не успеа од сопствената половина да ја затресе празната мрежа на Исланд. Малерите продолжија нецела минута подоцна, кога повторно при 24:22 беше досуден пенал за Македонија, но повторно ја затресовме само гредата од противничкиот гол.

Бојана Коцева со шест гола беше најефикасна во македонскиот табор, додека четири погодоци постигна Ризовска. Најдобри во победничкиот табор беа Јохансдотир и Торкелсдотир со по шест гола.

Претходно имавме реми против Шведска

Претходниот меч од финалниот турнир женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го одигра против Шведска со резултат 20:20.

Македонија стигна до ремито во еден трилер меч откако Дукоска во последната секунда успеа да реализира за нерешено.

Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Љубомир Савевски изјави дека ремито е реален исход…

Останати вести