Реал Мадрид повторно е на тронот на Европа, ја освои 14-та континентална титула откако во финалето го совладаа Ливерпул со 1:0. A најдобар поединец на шампионот беше голманот Тибо Куртоа кој имаше повеќе спектакуларни одбрани и го спречи Ливерпул да го реши мечот уште во првото полувреме. Всушност Куртоа со „стоте раце“ се запиша во историјата на Лигата на шампионите и во финалните мечеви, зашто имаше девет чисти одбрани – нешто што ниту еден голман во историјата не успеал да го направи, а севкупно стигна до 59 одбрани во сезоната во мултимилионската елита, како единствен со ваков ефект.
За првпат во историјата финалето во Лигата на шампионите не стартуваше во предвидениот термин. Свирежот на судијата се слушна 35 минути подоцна од најавеното. Домаќинот Париз приреди лоша организација, откако повеќе навивачи на Ливерпул останаа надвор, иако имаа билети. Полицијата користеше солзавец за да ги одврати гледачите од оградата која претходно ја прескокнуваа многумина.
Првото полувреме од финалето во Лигата на шампионите помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид заврши без голови, иако англискиот тим може да жали за пропуштените шанси: два шута на Салах а во 20. минута голманот Куртоа со крајни напори и со помош на стативата го запре шутот на Садио Мане. Фудбалерите на Ливерпул имаа пет шута во голот на Реал, а тимот од Мадрид ниеден се до пред крајот на полувремето кога Бензема постигна гол кој беше поништен поради офсајд – на одбиена топка се најде зад голманот а немало двајца противнички играчи пред него (неколку минути се чекаше одлуката од ВАР собата).

По еден час игра, во 59 минута, конечно “се отвори“ резултатот на финалето во Париз. Винициус Жуниор му донесе предност на Реал Мадрид, по додавање на Валверде, и по првиот удар кон голот на Алисон.
Црвените од “Енфилд роуд“ во следните 35 минути постојано бараа начин да израмнат (па и да дојдат во шанса да се одмаздат за поразот во финалето во 2018 година). Сепак Салах и Мане не можеа да пронајдат решение за расположениот Куртоа и на крајот Реал Мадрид повторно беше поуспешен. Иако беше поинфериорен противник оваа вечер.