Македонија има во задолжителните резерви на нафтени деривати вкупни горива кои покриваат потреби за 54 дена, тврди првиот човек на Агенцијата за државни резерви, Уљуси Бекири. За годинава планирана е уште една набавка на горива со која Агенцијата треба да го исполни утврдениот минимум од нафтени деривати кои покриваат 90 дена.
Прашањето за количините на храна, лекови, а особено гориво во Државните резерви се актуелизираше по инвазијата на Русија во Украина и растот на цените на енергенсите. Наеднаш настана и една паника меѓу граѓаните за евентуален недостиг на деривати на бензинските станици откако дел од нив ја ограничиле количината која може да се наточи во резервоарите.
Државните институции се чини по два дена успеаја да ги убедат граѓаните дека паничното трупање резерви е непотребно. Дел од паниката во јавноста настана и со празнењето на рафтовите со некои прехранбени производи во супермаркетите. Објаснувањето за ова е дека самите трговци ги враќале производите во магацин за потоа (по 1 март) да ги изнесат повторно истите но со повисоки цени.
Во стоковите резерви Македонија чува пченица, пченка, брашно, масло за јадење, сол, лекови, медицински помагала… Колкава количина од сите овие продукти има надлежните велат било државна тајна. Ама во следните месеци ќе имало дополнителни набавки.