Реконструкцијата на Влада ќе се гласа на 13 јули

Премиерот Христијан Мицкоски го испратил до Собранието официјалниот список за разрешување и избор на членови на Владата, по што спикерот Африм Гаши ја закажа седницата за реконструкција за понеделник, 13 јули во 11 часот.

На седницата прво ќе бидат разрешени осум актуелни министри и двајца заменик-министри, а потоа ќе се гласа за предложените осум нови министри.

За нови членови на Владата се предложени: 

Вреди – Јетон Шасивари за правда, Агрон Ферати за односи меѓу заедниците, Седат Сулејмани за култура и туризам кој досега два пати бил заменик-министер; 

ЗНАМ – Борче Серафимовски за земјоделство; 

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – Сашо Клековски за здравство (досегашен директор на Фондот за здравство), Ѓоко Велковски за социјална политика кој досега таму беше заменик-министер, Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите предложен за министер за локална самоуправа (досега беше вицепремиер за односи меѓу зедниците) и Ерџан Демир за министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите (актуелен претседател на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто оризари).

Така во новиот владин состав Вреди ќе има 6 члена, ЗНАМ останува со двајца додека останатите се на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата.

Претходно треба да бидат разрешени досегашните министри: Игор Филков за правда, Цветан Трипуновски за земјоделство, Азир Алиу за здравство, Фатмир Лимани за социјална политика, Златко Перински за локална самоуправа, Зоран Љутков за култура и Шабан Салиу без ресор.

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека со реконстукцијата се укинува досегашниот ресор за добро владеење, каде минатиот месец оставка поднесе министерот Арбен Фетаи по неколкумесечно недоаѓање на работа и тој ресор ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот.

Мицкоски изјави и дека Демократската партија на Турците влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ќе добие министер без ресор.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека приоритет на Владата останува подобрувањето на квалитетот на животот, економскиот развој, владеењето на правото, борбата против корупцијата и создавањето институции кои работат исклучиво во интерес на граѓаните.

„Новиот владин состав ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира започнатите проекти и реформски процеси, со фокус на конкретни резултати, отчетност и исполнување на ветувањата. Граѓаните очекуваат работа, одговорност и резултати. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа таа порака и останува целосно посветена на спроведување политики кои носат подобар животен стандард, стабилност и сигурна иднина за сите“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Останати вести