Русија за неколку часа остана без финалето на ЛШ, трки на Формула 1 и скијање

Поради рускиот напад на Украина, Русија за само неколку часа остана без три големи спортски настани на кои таа требаше да биде домаќин.

Најпрво УЕФA одлучи финалето на Лигата на шампионите да не се игра на стадионот во Санкт Петербург. Така, натпреварот за европската титула наместо во Русија ќе се игра на 28 мај на “Сен Дени“ во Париз.

Одлучено е и руските и украинските клубови и репрезентации да играат на неутрални терени до следниот натпревар од натпреварувањата на УЕФА. УЕФА посочи дека поради ситуацијата во Украина можни се нови вонредни состаноци и одлуки.

Во исто време, водечките луѓе на Формула 1 решија да ја исфрлат Русија од овогодинешниот календар. Прво четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел изјави дека ќе ја бојкотира трката за ГН во Сочи и ги повика челниците на Формула 1 да ја тргнат од календарот.

Токму тоа се случи. Откако прво ја одложија одлуката, велејќи дека „внимателно ја следат ситуацијата“, претставниците на Ф1 решија да ја одложат трката, која беше закажана за 25 септември. Во соопштението се вели: „Светскиот шампионат на ФИА во Формула 1 ги посетува земјите низ целиот свет со позитивна визија да ги обедини луѓето, зближувајќи ги нациите.

Со тага и шок го набљудуваме развојот на настаните во Украина и се надеваме на брзо и мирно решение на актуелната ситуација. Во четвртокот вечерта, на состанокот заклучивме дека во сегашните околности е невозможно да се одржи Гран при на Русија“.

Исто така, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) одлучи да ги откаже или премести натпреварите во Светскиот куп кои требаше да се одржат во Русија до крајот на оваа сезона.

Станува збор за едно натпреварување за Светскиот куп во крос-кантри скијање што требаше да се одржи минатиот викенд во Сончевата Долина, два натпревари во слободно скијање во Јарослав (26 и 27 февруари) и Москва (5 март), два натпревари во скијање и женски скокови во Нижни Тагил (18 – 20 март) и Чајковски (25 – 27 март) и еден натпревар во скијање крос во Тјумен (18 – 20 март).

„ФИС тесно соработува со сите засегнати страни за да обезбеди натпреварувачите кои ќе се најдат на сцената пред натпреварите оваа недела брзо да се вратат дома“, се вели во официјалното соопштение на Меѓународната скијачка федерација.

Останати вести