Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендира процесирањето на сите иселенички визи за апликанти од 75 земји почнувајќи од 21 јануари.
Престанокот на обработката на визи ќе трае додека трае ревизијата на процедурите. Причината за оваа мерка е спречување на издавање иселенички визи на лица кои би можеле да станат „јавно оптоварување“, односно лица кои би зависеле од владини социјални бенефиции по доаѓањето во САД.
Целосниот список на земји се состои од:
Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, Босна, Бразил, Бурма, Камбоџа, Камерун, Зелен ’Рт, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Киргистан, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Македонија, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Свети Китс и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен.
Од Балканот на списокот јасно ги нема земјите-членки на ЕУ, ама ниту Србија и Турција!?
Конзуларните службеници добиле упатство да ги одбиваат визите на апликанти кои се сметаат за најризични според критериуми како здравствена состојба, возраст, познавање на англиски јазик, финансиска состојба или можни потреби за долгорочна медицинска грижа.
Сè уште не е објавено кога точно ќе заврши оваа пауза во обработката на визи и кои други земји дополнително ќе бидат опфатени.
Во ноември Трамп вети дека „трајно ќе ја запре“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ откако авганистански државјанин отвори оган во близина на Белата куќа, убивајќи припадник на Националната гарда.
Стејт департментот минатата седмица соопшти дека од ланскиот јануари (кога стапи повторно на функција) Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година. Администрацијата на Трамп лани депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2.5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.
Муцунски смирува: Временото запирање за иселенички визи не ги афектира другите типови визи за Македонците
Одлуката на САД за привремена пауза на издавањето иселенички визи за македонските граѓани не значи ниту прекин на визните постапки ниту ставање на земјата на црната листа, уверува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој појасни дека мерката се однесува исклучиво на иселеничките визи, за кои, како што рече, има најмал број апликации, кои, пред сè, доаѓаат од повозрасната категорија граѓани и дека ваквата одлука не ги засега студентите, бизнисмените, туристите и другите категории граѓани, нагласувајќи дека постои континуирана и активна комуникација со Вашингтон и дека во наредниот период се очекуваат позитивни поместувања во визната политика.
– Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапките за иселенички визи. Ова не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД. Доколку сте стопанственик што сака да патува во САД, слободно можете да аплицирате за виза. Доколку сте студент што или сака да студира во САД или да оди на „work and travel“, ова нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, еве, на пример, Светското првенство во фудбал ќе се одржува таму, исто така ќе можете да патувате туристички и оваа одлука нема да има никакво влијание врз вас, изјави Муцунски.
На прашањето дали македонските власти побарале објаснување од Вашингтон за ваквата одлука за визите, Муцунски рече дека разговарале за причините, но дека е некоректно тој да ги изнесува аргументите што доаѓаат од другата страна и што може да ги образложат само од Вашингтон.
– Не сме единствена земја членка на НАТО, не сме единствена членка од регионот што, по прашањето на иселеничките визи, е во оваа група. Дискусијата ќе продолжи во идниот период. Ќе повторам не е некаква црна листа, се работи за пауза за иселеничките визи. Во однос на сите други категории, политиката останува иста. Работиме на изнаоѓање решение и нашите граѓани не треба да се грижат. Имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па, можеби, во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме, рече Муцунски.
На прашањето дали последната одлука на САД ја доживува како дипломатски пораз, министерот се наврати на примерот со тарифите.