Сведочење на Самсоненко:Плацот на Водно е мој, го купив од Камчев за 110 милиони денари

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко сведочеше во Кривичниот суд во Скопје за предметот “Плацевите на Водно”. Тој во судница беше повикан од одбраната на обвинетиот Орце Камчев.

Самсоненко сведочеше дека плацот на Водно, кој според обвинението е во тајна сопственост на екс-премиерот Никола Груевски, е всушност негов и дека не му е јасно зошто не може да го користи, односно таму да си изгради куќа.

– “Лајф кер центар” е моја фирма, која е купена на име на жената, по моја наредба, значи на мојата фамилија е. Во сопственост нема ништо, освен плацот на Водно од 10.000 квадрати, истакна бизнисменот.

Тој појасни дека купопродажбата се случила во 2019 година, односно неговата сопруга станала сопственик на оваа фирма (автоматски и на плацот).

– Барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија. Не можев да најдам бидејќи барав над 5.000 квадрати. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував и го одбрав. Договорот беше да го исплатам за три години и го исплатив и пред време. Платив 110 милиони денари (А$2.7 милиона), рече Самсоненко, кој додаде дека со тие пари безгрижно би живеел 10 до 15 години.

Тој се пожали дека има блокада на плацот, а не му е јасно зошто.

– Нема уште пат до плацот, кој треба да го направи општината. Има и блокада, а не ми е јасно зошто. Од тоа трпам штета и го замолувам судот да ми објасни зошто. Кога го купив проверив, се беше чисто. Сега пак не можам ни да градам, ни да го продадам. Да го разгледате тоа мое барање, побара бизнисменот Самсоненко.

Според Обвинителството, пак, овој плац е во тајна сопственост на екс-премиерот Никола Груевски. Поточно, според обвинението, плацот сменил неколку сопственици со цел да се сокрие вистинската сопственост.

Според обвинението во летото 2012 година кумот на Груевски, Ристо Новачевски, основал фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, а на сметката во неколку наврати легнале парите на Груевски, стекнати преку донации за партијата. Со нив, пак, потоа биле исплатени две парцели со вкупна големина од 11.000 квадратни метри.

Од Обвинителството откриваат и дека по објавата на „бомбите“, кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели, се прави обид да се прикрие вистинскиот сопственик, па Новачевски ја пренел сопственоста на друго правно лице. Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка Холдинг“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали.

Денеска во Катастар овие парцели имаат нов сопственик, односно се на Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кер центар“ ДОО Скопје. До јуни 2019 година оваа компанија била на бизнисменот Орце Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Парцелите се со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума.

Според обвинението Груевски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1.3 милиони евра.

Од октомври 2012 до септември 2013 година парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на делот веднаш над поранешниот хотел “Панорама“, во местото викано Шербетница.

Останати вести