Свечено одбележано матурирањето по македонски јазик во Викторија

Во свечена атмосфера исполнета со емоции и гордост, во прекрасниот амбиент на рецепцијата „Шелдон“, се одржа Матурската вечер на учениците по македонски јазик во Викторија – генерација 2025. Настанот, традиционално организиран од Македонското учителско друштво на Викторија, ги собра матурантите, нивните семејства, наставници, пријатели и бројни почесни гости.

Водител на вечерта беше ученичката Микајла Митрев, која со голема гордост ја отвори програмата и ги поздрави присутните, водејќи ги низ официјалниот дел исполнет со свечени моменти и аплаузи.

Матурантите од центрите на Викториското училиште за јазици – Килор Даунс и Томастаун – беа пречекани со громогласен аплауз, по што следеше интонирањето на двете национални химни: на Австралија и на Република Македонија.

Потоа вниманието на присутните беше насочено кон обраќањата на почесните гости, меѓу кои беа: пратеничката Касандра Фернандо, македонскиот вицеконзул во Мелбурн, Алија Алиевски, како и претставниците на Викториското училиште за јазици (VSL) – Лиза Еглезос и Сарино Принзи.
Секој од нив им посака многу успех на матурантите и ја истакна важноста од изучувањето на мајчиниот јазик во мултикултурното општество во кое растат.

Највпечатлив момент од вечерта беше инспиративниот говор на претседателката на Македонското учителско друштво на Викторија, г-ѓа Јованка Смилевска, која нагласи дека матурирањето по македонски јазик е многу повеќе од формалност – тоа е чин на идентитет, припадност и љубов кон сопствените корени.

„Денес сме собрани да одбележиме еден навистина значаен настан – матурирањето по македонски јазик на нашите драги ученици. Во денешниот глобален свет, способноста да се зборуваат повеќе јазици е од исклучителна важност, како за личниот, така и за професионалниот развој“, истакна Смилевска.

Таа упати и сериозна порака до заедницата:
„Алармантно е што заинтересираноста за изучување на јазикот се намалува, создавајќи реална опасност – доколку не делуваме заедно – постепено да го изгубиме македонскиот јазик од наставата“, рече таа, повикувајќи ја заедницата силно да застане зад училиштата и наставниците.

Со искрена благодарност до родителите и наставниците, таа додаде:
„Македонскиот јазик е срцето и темелот на нашиот идентитет. Само преку заеднички напори можеме да им овозможиме на идните генерации да изградат силен идентитет и да бидат горди на својата културна припадност.“

На крајот, претседателката им упати порака на учениците:
„Нека македонскиот јазик продолжи да ве придружува – на универзитет, во вашата професионална иднина и во семејствата што ќе ги создадете.“

Централниот момент на вечерта беше свеченото доделување на дипломите, кое го извршија наставничките Соња Енџекова-Сопотска и Аница Савеска, со голема гордост во очите додека им ги врачуваа дипломите на своите ученици.

По официјалниот дел следуваа групни и индивидуални фотографии, по што гостите уживаа во прекрасните музички изведби на Тиана Степановски. Вечерта продолжи со забава, македонски песни и ора под водство на ди-џеј Тоше.

Матурската вечер 2025 уште еднаш покажа дека македонската заедница во Викторија е силна, обединета и длабоко посветена на зачувување на јазикот, културата и традициите. Матурантите ја заокружија оваа значајна етапа исполнети со благодарност, надеж и гордост, испраќајќи силна порака дека македонскиот јазик ќе продолжи да живее преку нив.

На сите матуранти – искрени честитки и многу успех на патот што следи!

Весна Дамчевска

Останати вести