На изборните митинзи кандидатите за шеф на државата деновиве си упатуваат вербални „удари под појас”. ВМРО-ДПМНЕ многу бурно реагираше поради изјавата на еден поддржувач на Стево Пендаровски кој на митинг на СДСМ во Куманово во микрофонот рече: „Од баба невеста не бидува“! (очигледно насочено кон Гордана Силјановска-Давкова).
Одговорот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ бече:
– Ќе се послужам со една анегдота на Роналд Реган кој во една прилика рече: „Ми зборувате за мојата старост, но јас нема да зборувам за вашата младост – и ќе победам“. Во антиката возраста значела и мудрост. А со мене е се во ред и физички и психички. И подготвена сум за дебата, ама никако да се согласат за дебата пред одговорни новинари, рече Силјановска -Давкова.
Додаде дека многу се зборува за владеењето на правото и оцени дека во Македонија има „владеење на конзули“, односно имаме владеење на недемокати, што е голем проблем за државата. Затоа немаме вистински актери за да се реализираат вистински проекти од интерес за државата.
– Оценката на „Фридом хаус“ е дека имаме цикличен режим, режим што се врти во круг. Затоа ни се случува најголема сиромаштија, смртност, партизирано судство, Уставен суд кој не ги штити законите, абнормален број на факултети кои печатат дипломи одкаде имаме вработувања во државните институции кои го кршат костурот на државата. Кога нема мерит систем, кога не доаѓаат најспособните на важни места, добивате лица кои аздисуваат без знаење и стручност. Тоа се луѓе кои ве убедуваат дека се тука заради вас. И ви велат дека застапуваат европски стандарди, рече Силјановска-Давкова на митинг во Прилеп.
Не се сеќавам на Пендаровски како студент
Говорејќи на митингот во скопски Центар, Силјановска-Давкова, меѓу другото, од позиција на долгогодишна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, кажа дека никогаш не говори за своите студенти, но дека најдобрите од нив никогаш не ги заборава. За актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој своето високо образование го има завршено на овој факултет, рече дека не го памети како студент.
– Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите не ги заборавам, секогаш кажувам сè. Не го помнам како студент. Знам дека, ете, магистирирал и докторирал откако ги усовршил аналитичките способности во Министерството за внатрешни работи, „пецна“ Силјановска-Давкова.
На еден од претходните митинзи таа рече дека од позиција на шеф на државата не би можела да го предложи Стево Пендаровски за судија во Уставниот суд зашто, како што кажа, критериумите кои таа ги има за уставни судии се многу високи.