Пратеничката Гордана Силјановска, професорот Александар Спасеновски и кардиохирургот Сашко Кедев, но и неговата сопруга и екс-министерка за култура Ганка Самоилова Цветановска, според информациите на ТВ24 од висок партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ највисоко котираат на првичните партиските анкети на Христијан Мицкоски за претседателските избори.
Според истиот функционер, тоа не значи дека на крајот ќе се пресекува токму меѓу нив, особено поради фактот што листата потенцијални кандидати на ВМРО-ДПМНЕ е долга. Според истиот функционер, на мерење на личните рејтинзи се и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ како Александар Николовски, Антонијо Милошоски, Весна Јаневска Влатко Ѓорчев, но и поранешни како Зоран Ставрески. Мицкоски го мери рејтингот на и на актуелниот ректор на УКИМ Никола Јанкуловски, како и на Марјан Ѓорчев, Анета Пешева,Срѓан Керим.
Според инфорамците на ТВ24 од дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ Кедев е еден од посакуваните фаворити, но таа приказна самиот тој ја затвори на неговото последно појавување, а според истите информации на сличен став била и Самоилова Цветановска.
Наспроти нив, прв кој „истрча“ во трката (како џокер во покер, иако сме далеку од официјален почеток) стана Вело Марковски, познатиот инфектолог кој е дел од високите структури на ВМРО-ДПМНЕ. Самиот тој се промовираше како независен кандидат иако посакува да добие поддршка од партијата. Рече дека ќе собира 10.000 потписи штом ДИК ги отвори канцелариите.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде има претседателски амбиции колку сакаш, во СДСМ засега се извојуваат јасно двајца кандидати, иако се мерат рејтинзите на повеќе.
На актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски „му се испушти“ дека ќе оди на втор мандат, а според висок партиски функционер на СДСМ и на анкетите најдобро котира.
Според истиот функционер на врвот на анкетите е и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој периодов е растрчан на терен.
Според неофицијалните информациите од „Бихаќска“, се очекува и овојпат Али Ахмети да даде поддршка на заеднички кандидат. Подготовските за парламентарните избори на владината коалиција навестуваат дека ќе се настапи заеднички: СДСМ, ДУИ, АА и ДПА. Опозициските партии од албанскиот блок (партиите на Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами) веќе најавија дека ќе имаат кандидат за претседател и свои листи на парламентарните избори.