Документарниот филм „The Tale of Silyan“ на Тамара Котевска триумфираше на 41. издание на IDA (International Documentary Awards) во Лос Анџелес, освојувајќи ја наградата за најдобар документарен филм и најдобра камера.
– Ова е мојот најличен филм досега. Го посветувам овој успех на сите документарни воини ширум светот, рече Тамара Котевска.
Наградата за најдобра камера на IDA дојде во рацете на кинематограферот на „Приказната за Силјан“, Жан Дакар (Jean Dakar), која несомнено придонесува за целокупниот артистичен израз на филмот. Тој, заедно со Тамара Котевска, Јорданчо Петковски и Ана Хашми е и копродуцент на филмот.
Фимот, снимен во Овчеполието, се снимаше три години во екстремни услови: живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе, денови и ноќи поминати со протагонистите и жителитеи, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.
IDA признанијата важат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и се сметаат за еден од најсилните индикатори за успех во оскаровската трка. Добитниците многу често се наоѓаат меѓу номинираните, но и меѓу добитниците на Оскарите. Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува во претстојната оскаровска сезона. Потесниот избор за Оскарите (short listed) ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации на 22 јануари 2026 година. Доделувањето е на 15 март.
Филмот, откупен од National Geographic Documentary Films, веќе предизвикува силен меѓународен интерес и го поставува македонското документарно творештво на значајно место во глобалниот филмски простор.
„Силјан“ на Тамара Котевска, кој е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, а иствремено е во конкуренција и за Оскар во категоријата Најдобар документарец, доби номинација за награда на Здружението на продуценти на Америја (Producers Guild of America -PGA).
Во 2020 документарецот „Медена земја“ на Котевска и Љубо Стефанов имаше историски две номинации како прв филм што е номиниран и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм на Оскарите.
