Таканаречениот суперкласико меч Бразил – Аргентина, прво по финалето на Копа Америка во јули годинава и официјално нема да се доигра, откако беше прекинато во петтата минута. Полициски агенти во цивил и здравствени власти влетаа на теренот во Сао Паоло за да уапсат и депортираат четворица Аргентинци.
Во Бразил е на сила задолжителен двонеделен карантин за сите што доаѓаат од Велика Британија, Јужна Африка и Индија, како мерка за спречување на продор на делта-сојот на ковид-19. Агентите тврдеа дека четири играчи на Аргентина од Премиерлигата ги „излажале“ бразилските здравствени власти од каде дошле за да избегнат 14-дневен задолжителен карантин. Па така по три дена престој, само што почна мечот на властите во најфудбалската земја им текна да ги уапсат, иако без проблем можеле да проверат дека претходниот викенд играле на Островот.
Судијата го прекина мечот а КОНМЕБОЛ, јужноамериканската конфедерација објави дуелот гофинава нема да се игра, откако после безмалку еден час натегање здравствените власти не попуштија.
Од ФИФа имаше само констатација на ситуацијата без одговор на прашањето: како Бразилците или било која друга земја, очекуваат фудбалерите да одат во изолација, кога за собир на националниот тим се слободни после настапите за своите клубови, а ако одат по таков протокол ќе завршат мечевите на нивните национални тимови.
ФИФА бараше од сите земји и од сите лиги да ги ослободат фудбалерите за мечевите на своите селекции, за да може сите со своите најсилни тимови да се борат за пласман на најголемиот фудбалски турнир.
Првиот човек на аргентинската федерација Клаудио Тапија посочи дека четворица луѓе од Бразилската здравствена агенција направиле циркус, иако протоколите за фудбалските мечеви се јасни и усвоени од сите земји.
Бразил беше едно од најголемите жаришта на ковид-19, од оваа земја излезе и „бразилскиот сој“ пред да се појави актуелниот „делта сој“, па од никаде излезе проблемот, иако досега по рестартот на фудбалот и Копа Америка, а и другите турнири во организација на КОНМЕБОЛ се организирале без проблеми.
Фудбалската федерација на Аргентина објави дека сите четворица именувани (спорни) фудбалери се ослободени од репрезентативните обврски и можат да се вратат веднаш во своите клубови во Англија.
Тотнем ќе ги казни Ло Селсо и Ромеро
Најголем дел од премиерлигашот решија да им забранат на своите играчи да заминат во земјите кои се наоѓаат на црвената листа за репрезентативните обврски, но фудбалерите на Тотнем, Џовани Ло Селсо и Кристијан Ромеро заминале и покрај тоа што не добиле дозвола за такво нешто.
Ло Селсо и Ромеро ја игнорирале одлуката на Тотнем и сега двајцата ќе бидат казнети од страна на премиерлигашот, иако засега не е познато дали таа ќе биде парична санкција или екипата ќе најде друг начин да им одржи лекција на фудбалерите.