Во Скопје официјално е отворен и пуштен во употреба новиот “Ист Гејт Мол“, инвестиција вредна над 103 милиони евра. Новиот модерен трговски центар претендира да биде не само неодминлива станица на сите жители на Скопје и цела Македонија, туку и најголема шопинг дестинација во регионот.
Целиот трговски гигант се протега на 5 нивоа и вкупна површина од околу 160.000 м2, од кои 57.000 квадратни метри е простор за закупување. Во склоп на трговскиот центар има 2.000 паркинг места и 220 продавници кои нудат над 600 брендови, од кои 40 за прв пат се претставуваат во земјата. Ќе овозможи вработување на 1.500 лица.
“Ист Гејт Мол“ е инвестиција на “Балфин Групацијата“ чие портфолио опфаќа многубројни сектори а присутна е на австрискиот, албанскиот, косовскиот, босанскиот, македонскиот, холандскиот и црногорскиот пазар.
Инвестицијата на целокупниот проект “Скопје Ист Гејт“ ќе изнесува 350 милиони евра кога ќе се завршат и станбените згради и деловниот центар во рамките на локацијата на која постоеше поранешниот Скопски саем.
