Сопругата на премиерот влегла во бизнисот со струја

Сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, Елена, е меѓу петтемина сопственици на компанијата „Сол груп 5“ ДОО Скопје која влегува во бизнисот со производство на електрична енергија и планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати, објави „А1он“.

Компанијата ќе гради фотоволтаична централа во Радовиш, за што во август лани добила готов урбанистички проект со намена за површински и соларни фотоволтаични електрани. Од Министерството за транспорт и врски потврдиле дека целокупната постапка за донесување на урбанистичкиот проект ја воделе и завршиле во 2021.

Документите покажуваат се работи за пет катастарски парцели кои компанијата „Сол груп 5“ ДОО Скопје ги купила на 22 декември 2020 година од лицето Димитар Тренчев. Покрај Ковачевска, лицето Димитар Тренчев исто така се појавува како еден од основачите и сопствениците во компанијата „Сол груп 5“ ДОО Скопје, формирана во октомври 2020 година.

Само два месеца подоцна, Тренчев ѝ ги продава на компанијата парцелите, во која е и косопственик. Според податоците од Централниот регистар, во компанијата „Сол груп 5“ ДОО Скопје има пет сопственици. Покрај Елена Ковачевска и Димитар Тренчев, како сопственик се појавува и Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски, кој е заведен и како управител на компанијата. Во низата сопственици е и името на Светлана Тунџева, која е сопруга на директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев, пишува А1он.

Според урбанистичкиот проект, за изградба на фотонапонската електрана е предвидено да се вградат фотонапонски модули од производителот „Пиксел гроуп“, компанија на кумот на премиерот Ковачевски, Горан Паунов. Соосновач на оваа компанија бил и премиерот Ковачевски кој “излегол“ од неа кога станал заменик-министер за финансии по изборите во јули 2020.

До овој момент „Сол груп 5“ нема поднесено барање за добивање одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски, ниту, пак, барање за издавање лиценца за производство на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика, која е претпоследна инстанца, пред компанијата да може да излезе на пазарот за продажба на електрична енергија.

Уделот во компанијата на Елена Ковачевска е пријавен во анкетниот лист на премиерот. Тој е во вредност од 62.000 денари (околу А$1,500), сума идентична на нејзиниот основачки влог во компанијата.

Сопругата на премиерот досега не беше многу експонирана во јавноста. Во септември премиерскиот кабинет објави нејзини фотографии на настан организиран од Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Емине. Ковачевска во Њујорк го придружуваше премиерот на Генералното собрание на Обединетите нации.

Ковачевски: Секој може да си ги инвестира парите во што сака, така и мојата сопруга

– Уште пред да дојдам на премиерската функција, во мојот анкетен лист до Антикорупциската комисија беше пријавено дека мојата сопруга има инвестирано во изградба на фотоволтаична централа, изјави премиерот Димитар Ковачевски за овој случај.

Оваа инвестиција, како што посочи тој, неговата сопруга ја направила со влог од сопствени пари, исто како што може да направи секој друг граѓанин.

– Согласно Законот за трговски друштва и согласно законските регулативи во државата секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства и сето тоа е пријавено во сите надлежни институции, во Антикорупциска, со сите податоци и тие се јавно достапни, рече Ковачевски.

Прашан дали инвестицијата ја направила со негова помош, премиерот одговори одречно.

Останати вести