Со 65 гласа „за“ и 3 „против“, Собранието во неделата ја изгласа техничката влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија.
Премиер во преодната влада ќе биде Таљат Џафери од ДУИ, кој до Собранието поднесе полн предлог-состав на Владата, вклучувајќи ги и двајцата технички министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и Ѓоко Велковски, кој ќе застане на чело на Министерството за труд и социјална политика.
Прв заменик-премиер, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања.
Мандатарот Џафери во експозето пред пратениците кажа дека прв приоритет на преодната влада ќе биде одржувањето на редовните претседателски избори на 24 април и парламентарни избори на 8 мај, на фер и демократски начин.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако добива дваjцa технички министри. Тие обвинија дека ДУИ нема доволно пратеници, ниту број на гласови, за да се избере премиер од нивните редови.
– СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава, кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.